Прелиминарните резултати од истражувањето на Националниот институт за алергија и заразни болести на САД покажуваат дека пациентите со ковид-19 кои биле третирани со лекот ремдесивир имале забрзан процес на лекувањето.
Резултатите покажале дека кај овие пациенти се скратил периодот на закрепнување од 15 на 11 дена, јавува Си-ен-ен.
„Податоците упатуваат дека ремдесивирот има јасен, значаен и позитивен ефект во скратувањето на времето потребно за закрепнување“,
рече директорот на Националниот институт, Ентони Фелучи.
Според првичните резултати, смртноста кај пациентите третирани со овој лек е намалена од 11,6 на 8 проценти.
Во насока на оптимистичките најави, „Њујорк тајмс“ повикувајќи се на висок функционер, објави и дека Националниот институт планира да издаде овластување за итна употреба на ремдесивирот.
За резултатите извести и Би-би-си, наведувајќи дека тестирањето на ремдесивирот било на група од 1 063 пациенти и дека целосните детали од тестирањето не се објавени, но дека ако се потврдат тогаш тоа би биле „фантастични резултати“, но не и „магичен куршум“ за ковид-19.
Во такво сценарио се смета дека придобивките од ремдесивирот би значеле спасување на човечки живот, намалување на притисокот врз болниците и можност да се олабават дел од воведените мерки за превенција.
Сепак, во медиумските извештаи се нагласува дека засега остануваат и многу отворени прашања, како што се: кога треба да се зема; подобар ефект има кај младите или повозрасните; кај оние кои го имаат само ковид-19 или кај оние кои имаат и други болести; во која фаза од заразата треба да зема.
Светската здравствена организација (СЗО), пак, уште во февруари посочи дека ремдесивир се покажува како потенцијален лек против ковид-19, но оттаму сè уште се воздржани. Денеска шефот на програмата за итни случаи на СЗО, доктор Мајк Рајан, на прес-конференција не сакаше да го коментира ефектот од ремдесивирот, за кој се прават повеќе испитувања, не само во САД. Рајан посочи дека извештаите треба да се разгледаат детално и оти во некои случаи потребни се дополнителни студии за со сигурност да се констатира дека некој лек е ефикасен.
Ремдесивирот пред една деценија беше развиен како лек против ебола од компанијата „Гилиан сајнс“, но не се покажал како многу успешен.