За вториот владин повик беа потпишани договори за 828 проекти во вредност од 225 милиони евра
Општините треба да направат измени во буџетите и во плановите за јавни набавки за да можат да ги отпочнат постапките за избор на изведувачи за проектите финансирани преку вториот повик од заемот од Унгарија.

Ова денеска го истакна министерот за локална самоуправа Златко Перински одговарајќи на новинарски прашања за динамиката на реализација на средствата од кредитот. Но, вели тој, рокот за имплементација не може да се предвиди во моментов.
„Имаме проекти со вредност под еден милион денари, но и проекти над 150 милиони. Динамиката ќе зависи од габаритот на секој проект. Очекувам реализацијата да се одвива со слична динамика како кај првиот јавен повик“,
рече Перински.
Во врска со напредокот од првиот јавен повик, министерот информира дека повеќе од половина од проектите се успешно реализирани. Рече оти останува само еден проект кој сѐ уште не е распишан тендер бидејќи локалната самоуправа го чека вториот повик за да го обедини тендерот за целокупната фаза.
Вкупната вредност на проектите финансирани преку унгарскиот заем изнесува над 19 милијарди денари, со вкупно 1 116 проекти. Од нив, 828 се дел од вториот јавен повик, за кој договорите беа потпишани на 17 јули. Најголем дел од новофинансираните проекти – 589 се од областа на транспортот, за што ќе бидат наменети над 8 милијарди денари. Потоа следуваат проекти од животната средина – 143 проекти со вредност од над 2,4 милијарди денари и образование, односно 48 проекти со инвестиција од 1,6 милијарди денари. Финансии ќе се издвојуваат и за култура, спорт и социјална политика.
Министерот Перински изрази уверување дека овие инвестиции ќе имаат позитивен ефект врз квалитетот на животот на граѓаните и ќе придонесат кон порамномерен локален развој.