Голем дел од големите капацитети кои имаат А-интегрирана еколошка дозвола на територијата на Град Скопје, според министерството не работат или работат со редуциран капацитет
Во услови на зголемени концентрации на суспендирани честички со големина до 10 микрометри и 2,5 микрометри на кубен метар и неповолни временски услови што дополнително придонесуваат за зголемување на загадувањето на амбиенталниот воздух, општините и Градот треба поинтензивно да ги извршуваат своите обврски согласно „Акцискиот план за грејната сезона 2024 – 2025 г.“, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Согласно Акцискиот план, општинските инспекциски служби треба да ги засилат вонредните инспекциски надзори на терен за контрала на Б-Интегрирани еколошки дозволи и елаборати и позасилена контрола, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи, особено во мали сервиси и погони“,
велат од ресорното министерство.
Оттаму посочуваат дека општините и Градот Скопје со општините имаат обврска да подготват и усвојат краткорочни акциски планови што ќе соодвествуваат на спецификите на секоја општина или град одделно и според кои ќе постапуваат во услови на надминат праг на алармирање.
„Јавните претпријатија за комунална хигиена на општините и Градот Скопје треба да имаат план за редовно чистење на атмосферските канализации и миење на улици и тротоари. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспектори за урбанизам и градежништво да спроведат засилени контроли на градилиштата. Министерствата за внатрешни работи и за економија и труд и Станиците за технички преглед треба да ги засилат вонредните контроли на станиците за технички преглед на возила, со цел да се утврди дали се спроведува мерење на емисија на издувни гасови“,
стои во соопштението од МЖСПП.
Според министерството, Сообраќајната полиција треба да спроведе вонредни контроли на техничката исправност на возилата, особено на оние со дизел горива, како и отстранување на оние возила чии емисии на издувни гасови не ги задоволуваат пропишаните стандарди.
„Граѓаните што го затоплуваат домовите со огревно дрво, правилно да го користат, да не употребуваат пластика, гума и отпадни материјали во интерес на сопственото здравје и здравјето на другите“,
пишуваат од ова министерство.
Посочуваат деека на Цементарница УСЈЕ се направени два вонредни ненајавени надзора, како и контрола на отпад кој влегува таму. Досега нема отстапувања во параметрите кои се зададени во А дозволата.
„Во Струмица, согласно добиените известувања за надминување на прагот за алармирање, вонредни надзори на три субјекти се направени на 02.01.2025 година, еден субјект е задолжен со решение и на уште два субјекта се прават денес, 08.01.2025 година“,
велат оттаму.
Голем дел од големите капацитети кои имаат А интеегрирана еколошка дозвола на територија на Град Скопје, според министерството, не работат или работат со редуциран капацитет.
„Во моментов комплетно не работат ‘Макстил‘ АД, ‘Бауер‘ БГ, ‘Гама Градба‘ – Асфалтна база Студеничани, ЈП ‘Улици и патишта‘, ‘Радком‘, ‘Филип инженеринг‘ – Асфалтна база, Агреад ДООЕЛ Петровец, Асфалтна База Вато ДОО Студеничани Скопје. Во Цементарница УСЈЕ АД Скопје работи само една печка, а за 20 дена нема да работат и двете заради ремонтни активности“,
информираат од МЖСПП.
Главниот град на земјава, Скопје, и днеска е во првите десет најзагадени градови во светот, според платформата за мерење на квалитетот на воздухот „Ај-кју ер“.