Од Општината сметаат дека се паушални и наводите дека се прави предизборно вработување, а ги отфрлаат и обвинувањата за фаворизирање на кошаркарскиот клуб Работнички и порачуваат дека им се помага и на другите спортови
Советничката Јана Белчева на наредната седница на Советот слободно може да поднесе амандман и на советниците да им бидат одземени лаптопите, доколку смета дека треба да им се доделат на ученици. Советничката и пред четири години можеше да се откаже и да го донира својот лаптоп, реагираат од Општина Центар откако независната кандидатска листа за советници „Шанса за Центар“, каде што е носителка Белчева, утрово побара по истекот на мандатите советниците, наместо да си ги задржат лаптопите, да завршат во општинските училишта како донација.
Од Општината, во која власта ја има СДСМ, велат дека советниците од редовите на социјалдемократите и градоначалникот Саша Богдановиќ ќе ги донираат последните плати за купување лаптопи или таблети, а за нивните службени лаптопи секој сам ќе одлучи.
„За лаптоп-компјутерите, секој член на Советот ќе си се произнесе дали ќе го донира или не лаптоп-компјутерот или мобилниот телефон, кои му следуваат со стапувањето на функција. Бидејќи во тек е изборниот период и сите донации се забранети, донациите ќе ги оствариме по завршувањето на локалните избори, со цел да не го прекршиме Изборниот законик. Штом се ослободи простор за ребаланс на буџетот, советничката група на СДСМ ќе поднесе предлог до Советот за сите средства наменети за патувања на советниците и на градоначалникот, да се пренаменат за лаптоп компјутери и таблети на деца од социјално загрозени семејства“,
велат од Општина Центар и ја прозиваат Белчева, како единствена која користела пари за патување, да ја рефундира и да ја донира сумата од над 100 000 денари што ја потрошила за за пат во Норвешка.
„Не му помагаме само на Работнички“
Кога станува за барањето на независната кандидатска листа да не му се дава ексклузивитет на кошаркарскиот клуб Работнички, туку спортските сали да им се распределат на сите спортови, Општината обвинува дека станува збор за паушални и политикантски работи. Повторно ја прозиваат Белчева дека можела да го иницира ова прашање во изминатите четири години додека е советничка, а беше и претседателка на Советот и додаваат дека помагаат и на други спортови.
„За информација, освен машкиот, има и женски КК Работнички. Општината помага и во други спортови, како кик-бокс, бокс, ракомет, карате, одбојка и така натаму. Оттука, советничката Белчева треба малку повеќе да се информира за програмата за спорт која ја спроведува Општината“,
велат од Општина Центар.
„Нема предизборни вработувања, градоначалникот има обврска да достави план за вработувања“
Општинските власти возвраќаат и на третото обвинување од „Шанса за Центар“ дека предизборно се предлага да се одвојат пари од буџетот за следната година за 26 вработувања со образложение дека тоа е обврска на градоначалникот.
„Појаснуваме дека не станува збор за никакви партиски вработувања и не се вработувања пред изборите. Тоа е законска обврска со која градоначалникот до Советот достави план за вработување за идната година и доколку општината процени дека има потреба, тогаш се распишува оглас или огласи за вработување. Доколку планот за вработување не се донесе, се доведуваме во ситуација општината во наредната година да нема простор да распредели одредени кадри, потребни за функционирање на општинската администрација“,
велат од Општина Центар.