Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), според градоначалникот на Центар, ја одзеде документацијата за дивоградбата на државно земјиште на улица „Пластичарска“, дента кога требаше да се изврши рушењето
Оттогаш се поминати два месеци. И понатаму не е до крај јасно по кој основ Градежниот инспекторат ја одзеде документацијата, а и понатаму дивоградбите не ги чепка никој
Работници ангажирани од Општина Центар, пред погледот на градоначалникот Герасимовски, денеска затрупаа градежна јама на објект во градба во близина на Универзалната сала. Инвеститорот, според локалните власти, градел спротивно на издадената градежна дозвола. Случајот се влечкаше со месеци по медиумите, особено откако при ископот на јамата пропадна дел од улицата пред објектот.

На друга локација во Центар, на слична акција чека друг објект. На „Пластичарска“ со години се гради зграда и тоа на државна парцела. Објектот еднаш беше срушен, кога беше градоначалник Андреј Жерновски. При крајот на минатата и почетокот на оваа година, повторно почнаа градежните активности.
Општината Центар најави рушење, но прво немаше пари и фирма кои би го извршиле чинот. Кога се избра фирма, МВР немаше полицајци за да ја обезбедува интервенцијата. А кога конечно се најдоа и полицајци, Државниот градежен инспекторат ја побара, а општина Центар му ја даде целата документација за случајот, со што акцијата за рушење беше стопирана. Така е веќе втор месец.
„Имавме неколку состаноци, дополнително и со МВР и со одредени инспекциски служби разговараме на таа тема, не е поместено од тоа што беше од пред месец, месец и половина. Предметите се побарани и одземени од страна на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Ние доставивме дополнително и допис, им се обративме да видиме до каде е постапката поради тоа што помина доста временски период, очекуваме да се произнесе ДИГУ. Инаку, ние имаме резервирано средства токму за таа намена, односно за онеспособување, односно рушење на тие два објекти. Таму станува збор за два објекти, сите говорат само за едниот, но има два објекти за кои е дадено решение за рушење и за истото е направена јавна набавка, отпочната е процедура, побарана е асистенција и одобрена е од страна на МВР, но стопирана од Државниот инспекторат“,
изјави денеска Герасимовски.
„360 степени“ повеќе од два месеци бараше став од градоначалникот на Центар за дивоградбата(-ите) кај „Пластичарска“, откако ги даде документите на Градежниот инспекторат. Пред сè, баравме информација – по кој закон и член го предал предметот. Првично, оттаму ни одговорија дека документацијата им била одземена по член 145 од Законот за градење.
Тој член, практично, значи одземање на надлежноста на општината по предметот. Но, таквата процедура трае најмалку една недела, а за да се одземе предмет е потребен и потпис од министерот за транспорт.
Откако откривме дека министерот не ставил потпис на такво нешто, по долг молк, од Градежниот инспекторат ни одговорија со поинакво тврдење – дека побарале увид во предметот врз основа на претставка, односно по член 131 став 4 од Законот за градење и член 79 став 2 точка 1 од Законот за инспекциски надзор. Ниту една страна досега не ни одговори – каде пишува дека увид значи одземање на цела документација и според која одредба увидот го спречува спроведувањето на правосилно решение за уривање.
Денеска, Герасимовски, прашан врз која основа му е одземен предметот, даде објаснување кое се чини поблиску до она на Градежниот инспекторат отколку на ставот што го споделуваа од неговата администрација.
„По претставки од граѓани, така стои во барањето кое е доставено до Општина Центар. Истите барања кои се стигнати од страна на ДИГУ до општината се доставени до медиумите пред речиси месец дена за тоа кои се причините и зошто е стопирана постапката“,
одговори Герасимовски.
Кога последен пат се обративме до ДИГУ, прашавме:
- Зошто ДИГУ ја одзел документацијата за предметот од Општина Центар, а не извршил само увид?
- Дали вонредниот надзор е завршен со оглед на тоа што се поминати повеќе од два месеци од одземањето на документацијата?
- Кога записникот од надзорот ќе биде доставен до Општина Центар?
Од инспекторатот ни одговорија 9 дена подоцна. Во одговорот се вели дека тие (ДИГУ) постапуваат согласно нивните надлежности, но поради обемноста и сензитивноста на конкретниот предмет, разгледувањето ќе се пролонгира уште некое време – без да прецизираат за колкаво време станува збор.
„Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, согласно нашите надлежности постапува на случајот дивоградбите на улица ‘Пластичарска’. По детално разгледување на целокупната документација за конкретниот предмет што Вие поставувате прашања поради обемноста и сензитивноста на предметот, резгледувањето ќе се пролонгира уште некое време и по завршувањето ќе биде изработен записник од надзорот и доставен до Општина Центар“,
велат од Инспекторатот.
„360 Степени“ пред околу половина месец побара одговори и од премиерот на С Македонија, Димитар Ковачевски, но и од министерот за транспорт Благој Бочварски за случајот со дивоградбата. Иако тогаш ни беше одговорено дека оваа тема ќе се отвори и разгледа на владина седница, тоа досега не се случи. Потврда дека сè уште не е разговарано на оваа тема пристигна и од Герасимовски, кој кажа дека за оваа тема не е разговарано со министерот Бочварски.