Иако имаат уредна документација за градба, по зачестените контроли на терен, увидовме дека не се почитуваат законските прописи на повеќе градилишта. Поради тие причини, на моја лична иницијатива, формиравме и нова комисија и тројно ги зголемивме инспекциските контроли, вели градоначалникот Герасимовски

Посебна комисија, формирана од Општина Центар, ќе врши целосен увид на градежните работи на активните градилишта и ќе контролира дивоградби.
Градоначалникот Горан Герасимовски најавува дека Општината ќе спроведува зачестени инспекциски контроли, со цел директен увид во изведувањето на градежните работи и почитувањето на законските прописи.
„Иако имаат уредна документација за градба, по зачестените контроли на терен, увидовме дека не се почитуваат законските прописи на повеќе градилишта. Поради тие причини, на моја лична иницијатива, формиравме и нова комисија и тројно ги зголемивме инспекциските контроли“,
вели Герасимовски.
Според него новата комисија ќе врши целосен увид на градежните работи на активните градилишта и ќе контролира дивоградби.
„Тие ќе бидат одговорни да следат точно што се случува на терен, од почнување на градбата до нивно завршување. Мојата цел е во Општина Центар да има хумана урбанизација со почитување на законите. Неуморно работам да го одржам ветувањето пред граѓаните“,
вели Герасимовски.
Покрај контролите за дивоградби и за одвивање на градежните зафати кај легалните објекти со одобренија за градба, Герасимовски вели дека комуналните инспектори од Општина Центар изминатите неколку недели имаат спроведено контроли согласно Законот за јавна чистота.
„На терен изведувачите се информираат за насоката градежните објекти да не вклучуваат во сообраќај моторни возила со валкани тркала, да не оставаат градежен шут, отпад и градежен материјал, освен на места определени за таа намена и да не се пали и уништува смет. Инспекцијата апелира и граѓаните да се воздржат од палење огнови на отворено за греење на работниците. Сите возила што излегуваат од градилиштата мора да имаат чисти и измиени тркала и да се покриени со церади поради контрола на прашината“,
нагласува Герасимовски.
Градоначалникот вели дека според извештаите од комуналната инспекција, известени и контролирани се околу 20 градилишта, утврдени се неколку неправилности и санкционирани се превозници со валкани тркала. Извршени се повеќе вонредни надзори по пријави од граѓани, при што се изречени три глоби на правни лица и одговорни лица, во вредност од по 1 300 евра за оставање градежен шут на јавни површини и неизградено градежно земјиште во приватна сопственост.
За решавање на проблемот со дивоградбите, на почетокот на неделава Герасимовски до ЗЕЛС достави иницијатива за изнаоѓање на законско решение за конфискација на дивоградбите и нивна реупотреба.
Во иницијативата се образложува дека е потребно во постојниот закон да се вметнат одредби каде што при утврдување дека објектот, кој е предмет на постапката за легализација, отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон, треба да се упати на постапка за реупотреба. Според предлогот, објектот што е изграден надвор од законски предвидениот рок за легализација (после 2011 година), треба да се одбие со акт, но и да се упати на постапка за конфискација согласно Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.
Општина Центар, како и многу други општини е „расадник“ на дивоградби. „360 степени“ во март објави дека на Водно на диво никнуваат два нови идентични објекта. Општински инспектори им ставиле жолти ленти, но сопствениците ги отстраниле и продолжиле со градењето.
Друг скандалозен случај е со легендарната дивоградба на Пластичарска. За таму Општината во неколку наврати договара уривање, но полицијата откажува асистенција во последен момент.
Уште тогаш Герасимовски кажа дека е дојдено време наместо за уривање, да се размислува и за опцијата – конфискување и најави дека таква иницијатива ќе поднесе до ЗЕЛС.