Општина Центар до Основното јавно обвинителство и до Единицата за корупција во МВР доставила 28 предмети на спорни договори за продажба на градежно земјиште по пат на јавно наддавање.
Како што соопштија од Општината, меѓу нив е веќе познатиот случај за Шпанските скали на плоштадот „Македонија“.
Друг крупен случај е и предметот од 2012 година за компанијата „Графички центар“, тогаш во сопственост на МПМ, за парцела во ДУП Тетовска трошарина за изградба на објект со намена В3 – култура.
„Во декември 2012 година ’Графички центар’ добива писмено известување од НУ Конзерваторски центар дека на таа локација е можно да има подземни муслимански некрополи од 19 век и оти услов за добивање одобрение за градење е претходно да се направи сондажно археолошко истражување.
Иако „Графички центар“ не го извршува тоа сондажно археолошко истражување, се подвлекува во соопштението од Општина Центар, во декември 2013-та земјиштето е отуѓено за изградба на објект со намена В3 – култура. Од октомври 2014-та до февруари 2017-та, постојат преписки помеѓу Министерството за транспорт и врски, “Графички центар’ ДОО Скопје и НУ Конзерваторски Центар – Скопје поврзани со барање за пролонгирање на рокот за добивање одобрение за градење поради пронајдени остатоци од муслимански некрополи од 19 век“, се вели во објаснувањето од Општина Центар.