Од Општина Струга велат дека со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот

Општина Струга, на 16 овој месец, преку аукција, ќе го продава автомобилот „ауди А6“ на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко.
Почетната цена за автомобилот, како што информираат општинските власти, е 1 344 636 денари или околу 21 800 евра.
Аукцијата ќе биде на интернет-страницата e-stvari.mk со почеток во 10 часот.
Од Општина Струга велат дека преку продажбата на ова возило, кое стана вирално во медиумите во земјата и пошироко како автомобилот „со волан од змиска кожа“ или како „убавата кола“, овој подвижен имот ќе се претвори во финансиска ликвидност во општинскиот буџет.
„Со средствата од продажбата на автомобилот ќе се набави комбе кое ќе служи за потребите на општинската администрација и спортските клубови во градот“,
се вели во информацијата.
Оттаму информираат дека огласот бр. 1/2026 за продажба на подвижни предмети – патничко моторно возило, преку електронска аукција е објавен и во „Службен весник“.
„Ги покануваме сите заинтересирани страни да учествуваат на соодветната аукција. На аукцијата ќе бидат објавени сите информации за возилото, како и потребните упатства за аплицирање“,
информираат од Општина Струга.
Автомобилот, „ауди А6“, кој Општина Струга го купи за 67 000 евра, во времето кога градоначалник беше Рамиз Мерко крена дебата во јавноста дека е набавен во време кога општината била со блокирана сметка поради долгови, за што Владата, како и за други општини со идентичен проблем, префрлаше средства од централниот буџет за покривање на долговите.
Против Мерко за набавката на „аудито“ се водеше судски спор. Судот во Струга во јуни минатата година одлучи дека нема вина за набавката на луксузното возило. Судот утврди дека постапката за јавна набавка била спроведена без прекршување на законските процедури, а не постојат докази дека Мерко дејствувал со намера да добие лична или политичка корист.
