Општина Куманово алармира дека со соочува со проблеми при организацијата на јавниот градски превоз и бара помош од Владата да донесе одлука за субвенционирање на дел од трошоците на превозниците. Ова е посочено на денешниот состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување.
„Општина Куманово прави обид за воспоставување на редовен јавен градски превоз во Општината, со кој се соочува со сериозни технички проблеми со вршителите на истиот, кои како и останатите правни субјекти од градското стопанство се погодени од ковид-кризата. Бараме од Влада да излезе во пресрет на барањата на јавните превозници во Општина Куманово и да донесе одлука за субвенционирање на јавниот превоз во градот со 30 денари по изминат километар и да обезбеди средства од буџетот“,
се вели во соопштението на општината.
Оттаму предлагаат, доколку нема финансиски можности за субвенционирање, да се обезбеди соодветна количина на нафтени деривати од стоковите резерви, кои би се користеле за потребите на вршителите на јавниот превоз во Општина Куманово во период на ковид-кризата и би ги „покриле дел од материјалните трошоци на компаниите за да ме работат со загуби и за да можат непречено да го испочитуваат договорот со Општината околу вршењето на јавниот превоз“.
Општината го повика и СВР Куманово да преземе поригорозни мерки и зачестени контроли спрема дивите превозници.
Инаку, јавниот градски и меѓуградскиот јавен превоз од и кон Општина Куманово до пред два дена беше „замрзнат“ поради кризата со ковид-19.
