Од Општина Аеродром во пријавата наведуваат дека во периодот од 15 септември до 25 септември, односно до вчера, било констатирано дека Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје не ја спроведува својата основна дејност, односно одржување на хигиената на подрачјето на град Скопје
Општина Аеродром поднела кривична пријава против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје за загрозување на животната средина бидејќи десет дена не го собирало отпадот на повеќе локации во општината.

Поради ова, како што соопштија утрово од општината, работниците од нивното Јавно претпријатие за комунални дејности во изминатите три дена успеале да соберат 24 тони или 170 метри кубни отпад од домаќинствата во Аеродром, работа која, велат, не ја извршило градското комунално претпријатие.
„Свесни сме дека поради оваа вонредна ситуација можеби беа запоставени редовните активности: чистење на плочници, тротоари и сервисни улици, косење, гребење и уредување на зеленилото, празнење на кантите за џебен отпад, собирање на лисја, гранки и на неколку места и кабаст отпад“,
се вели во соопштението од Општина Аеродром.
Оттаму им се извинуваат на сите жители на општината за непријатностите и истовремено информираат дека за целата состојба Општината до Министерството за внатрешни работи (МВР) и Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје за загрозување на животната средина.
„Ова не е само прашање на отпад, ова е прашање на достоинство, здравје и иднина“,
велат од Општината.

Оттаму објавија и дел од пријавата, која, како што може да се види, е поднесена врз основ на член 230 став 1 и став 6 од Кривичниот законик.
Во описот на делото од Општина Аеродром наведуваат дека во периодот од 15 септември до 25 септември, односно до вчера, било констатирано дека Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје не ја спроведува својата основна дејност, односно одржување на хигиената на подрачјето на град Скопје.
„На повеќе локации во општина Аеродром комуналниот смет не е собран од и надвор од садовите за смет, со што се загадува животната средина, односно средината во која се движи човекот. Поради ненавременото и нецелосно собирање на комунален отпад од домаќинствата секојдневно има исцедок од садовите за смет од кој се шири непријатна миризба, а се нагрдува и просторот“,
се наведува во кривичната пријава.

За потсетување, Општина Аеродром на почетокот на јуни годинава изрече прекршочна казна од 88 000 евра против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – Скопје поради истата причина, односно несоодветно собирање отпад и негрижа за јавната хигиена на територијата која е под надлежност на претпријатието. Санкцијата, како што рекоа тогаш од Општината, не е политичка, туку институционална и е резултат на пропустите во работата на „Комунална хигиена“.
Од ЈП „Комунална хигиена“ тогаш излегоа со реакција во која го обвинија в.д. градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, дека се обидува да собира политички поени преку лажно обвинување на претпријатието.