Општина Аеродром реагира на прес-конференцијата на директорот на ЦУК Стојанче Ангелов, со обвинување дека пласирал неточни информации во јавноста и ја префрлил одговорноста за необезбедената дупка на кејот на Вардар.
„Доколку Ангелов ги познаваше законите ќе знаеше дека обврска на институцијата која тој ја води е да ги координира надлежните институции во процесот на управување со кризи. Координација помеѓу државните институции подразбира писмена комуникација, активна соработка и редовни состаноци, а не прес-конференции и јавни паради. Дополнително, Директорот на ЦУК треба да знае и дека надлежност за решавање на проблемот кој тој го посочи има исклучиво градот Скопје“
се наведува во реакцијата од Општина Аеродром.
Оттаму прашуваат и зошто од ЦУК не презеле никакви активности при последните обилни дождови кои неодамна ја зафатија Општина Аеродром, чии граѓани беа најпогодени.
„ Дополнително, пред јавноста треба да даде и одговор и на прашањето до каде е постапката за обесштетување на граѓаните кои претпреа материјални штети од последното невреме. Ова се многу посуштествени теми, во споредба со ланскиот снег и дождот во 2023 година за кои тој милува да говори“
пишува во соопштението.
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, денеска побара надлежните институции да реагираат и да се огради провалијата длабока 30-тина метри што со месеци стои без заштита на кејот на реката Вардар во скопската општина Аеродром, на потегот помеѓу хотелот „Русија“ и мостот „Близнак“. Ангелов вели дека граѓани пред половина година пријавиле, ЦУК ја констатирал состојбата и во јуни годинава ги известил Градот Скопје и Општина Аеродром.
Градот Скопје итно преземал мерки и поставил знаци за забрането движење и заштитна лента, а укажал и дека во наредниот период ќе постави и лимена заштитна ограда. Исто така, од Градот потенцирале дека провалијата е во надлежност на Општина Аеродром а не во нивна.
Сепак, за само неколку дена некој ја тргнал заштитната лента, ги откорнал знаците и ги фрлил во провалијата.