Иницијативата на советниците на Левица беше поддржана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ, а сега Општина Аеродром ќе треба да ја достави до Собранието и да чека согласност од пратениците за поставувањето на споменикот во паркот во Горно Лисиче
Со мнозинство гласови советот на Општина Аеродром на вчерашната седница ја усвои иницијативата на советничката група на Левица за поставување на споменикот на Андон Лазов Јанев-Ќосето на територија на општината, во паркот во Горно Лисиче.
„Тој споменик, без разлика која и чија власт го поставила, е платен со народните пари и не заслужува да фаќа прашина во некое депо на Градот Скопје и да биде камен на сопнување и играње пинг-понг помеѓу институциите за дневнополитички поени“,
велат од Левица.

Иницијативата на советниците на Левица беше поддржана од советниците на ВМРО-ДПМНЕ.
Усвоената иницијатива за поставување на споменикот на Ќосето во паркот во Горно Лисиче, Општина Аеродром сега ќе треба да ја достави до Собранието и да чека согласност од пратениците.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска пред неколку дена испрати барање до Општина Центар за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето во тревникот пред комплексот судови во Скопје.
Општина Центар, пак, експресно го одби барањето со образложение дека нема надлежност во поставување споменици и ја упати Арсовска да се обрати до Собранието.
Во образложението на Општината се додава дека согласно Законот за меморијални споменици и спомен-обележја, надлежностите за подигнување споменици се кај Собранието, додека општините можат да подигнуваат спомен-обележја само за личности и настани од локално значење.
Споменикот на Ќосето беше поставен пред комплексот судови во Скопје како дел од серијата споменици што беа поставени во главниот град за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ.
Споменикот беше отстранет во 2018 година, а тогашниот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, образложи дека тој е дивоградба.