Постапувањето на општинските инспекциски служби започнало пред точно две недели, на 28 ноември, а по завршување на постапката, како што велат оттаму, Општина Аеродром ќе преземе мерки што произлегуваат од законите доколку за тоа постои утврдена основа
По наводите дека „Зимзоленд“ работи без потребната дозвола, Општина Аеродром, на чија територија е поставен забавниот парк, соопшти дека во тек е инспекциска постапка за утврдување на околностите кои исклучиво се однесуваат за одобрението за поставување урбана опрема на оваа локација.

Постапувањето на инспекциските служби на Општина Аеродром започнало пред точно две недели, на 28 ноември.
„По целосно завршување на постапката, од страна на Општината ќе бидат преземени соодветни мерки што произлегуваат од законите доколку за тоа постои утврдена основа“,
се наведува во соопштението на Општина Аеродром.
Оттаму додаваат дека земјиштето на кое е лоциран забавниот парк е во приватна сопственост и додаваат дека Општината не е ниту организатор ниту учесник во активностите на „Зимзоленд“.
Претходно вчера градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека инспектори во координација со Државниот пазарен инспекторат и МВР спровеле акции на „Зимзоленд“ при што било утврдено дека Град Скопје нема дадено дозвола за таму да се врши дејност, а дополнително се констатирани повеќе неправилности.
„Дополнително, за реквизитите и забавните содржини кои не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од Општината да постапи согласно законските регулативи“,
објави Ѓорѓиевски.
Од „Зимзоленд“ потврдија дека во забавниот парк се вршат инспекциски надзори, но ги демантираа наводите во дел од медиумите дека паркот ќе биде затворен.
