Одлуката доаѓа по жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје за првично определената мерка куќен притвор за 25-годишниот возач

Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје ја преиначи одлуката на судија на претходна постапка и му одреди мерка притвор на обвинетиот Ф.Љ. (25), возачот на мотоцикл кој на 1 јули на пешачка патека на кејот на Вардар, во близина на Паркот на франкофонијата, го прегази 68-годишниот Југослав Николовски и избега од местото на настанот. Обвинетиот веќе е спроведен во КПУ Затвор „Скопје“, информираа попладнево од Кривичниот суд.
Одлуката доаѓа по жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје за првично определената мерка куќен притвор за 25-годишниот возач. Обвинителството на 4 јули отвори истражна постапка против Ф.Љ. за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот и за неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода.
Од Обвинителството појаснуваат дека обвинетиот е евидентиран со една пресуда за насилство како малолетник и една за непочитување на здравствени прописи за време на ковид-кризата.
Според претходните информации од Обвинителството, осомничениот на 1 јули управувал мотоцикл „кавасаки“ без истакната регистарска табличка на задниот дел, движејќи се по пешачката патека покрај зграда на улицата „Јован Хаџи Константинов – Џинот“. Тој возел преку површина наменета за пешаци, не ги почитувал прописите и со тоа го загрозил јавниот сообраќај и животот на луѓето.
„Иако бил свесен дека поради тоа може да настапи штетна последица, осомничениот се согласил со нејзино настапување и кога дошол во близина на зградата, брзината на движење на моторот не ја приспособил. Освен тоа, управувал без да поседува возачка дозвола и на недозволено место, па со левиот страничен дел од мотоциклот удрил во телото на пешакот Југослав Николовски, кој се движел по пешачката патека“,
информира ОЈО Скопје.
При ударот, оштетениот останал да лежи повреден на патеката, а возачот и неговиот сопатник паднале на коловозот. Пешакот се здобил со тешки телесни повреди од кои починал следното утро, додека сопатникот на моторот бил полесно повреден. Осомничениот, наместо да укаже помош, го оставил мотоциклот и другите двајца повредени и пеш го напуштил местото на несреќата.
Обвинителството бараше притвор за осомничениот поради опасноста од бегство, со оглед на тоа што избегал од местото на несреќата и извесен период бил недостапен. Дополнително, како што наведоа од ОЈО Скопје, станува збор за претходно осудувано лице кое на критичниот ден сторило две кривични дела едно по друго, што укажува на опасност од повторување на делото или извршување на друго кривично дело.