На 19 осомничени, како што потврдила претседателката на прилепскиот Основен суд Јасмина Шишовска за МИА, им се одредени мерки на претпазливост, додека на седум фирми опфатени во истрагата судот им забранил да учествуваат во постапки за јавни набавки
Основниот суд во Прилеп им определи мерка притвор на шестмина осомничени во случајот со злоупотреби во локалната болница „Борка Талески“, за кој прилепското Основно јавно обвинителство денеска отвори истрага.

На 19 осомничени, како што потврдила претседателката на прилепскиот Основен суд Јасмина Шишовска за МИА, им се одредени мерки на претпазливост, додека на седум фирми опфатени во истрагата судот им забранил да учествуваат во постапки за јавни набавки.
Од шестемина на кои им е определен претвори, четворица се дел од поранешното раководство на прилепската болница, а две се надворешни лица.
Четворица од осомничените кои се од машки пол, според информациите, притворот ќе го издржуваат во битолскиот затвор, додека двете жени на кои им е одредена оваа мерка ќе бидат во затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари.
За потсетување, Основното јавно обвинителство Прилеп денеска, по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција, поведе истражна постапка против 16 физички и седум правни лица, а уште девет лица се осомничени за дела што се гонат во скратена постапка за прекршување на прописите за јавни набавки во ЈЗУ Општа болница „Борка Талески“ во Прилеп.
Тие се осомничени за малверзации при јавни набавки и се товарат за кривичните дела злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и проневера во службата.
Во постапката опфатени се и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги, како други кривични дела кои дел од осомничените Обвинителството исто така ги испитува.
Според Обвинителството, осомничените како соизвршители учествувале во дејствија во кои свесно ги повредувале прописите за јавни набавки во прилепската болница, со намера за себе или за друг да остварат значителна имотна корист, односно да предизвикаат значителна имотна штета на установата, што е поткрепено и со наоди од извештај на Државниот завод за ревизија.
„Осомничените, меѓу кои и поранешна директорка, раководители и други вработени во болницата, но и управители на осомничени правни лица, преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорените обврски и незаконски промени на налози за исплата, предизвикале вкупна штета на болницата од 42 726 978 денари“,
се вели во соопштението од Обвинителството.

Во април годинава, како што информираа од Јавното обвинителство, Управата за финансиска полиција изврши претрес на осум локации поради сомнежи поврзани со финансиското работење на прилепската болница.
Тогаш беше соопштено дека ОЈО Прилеп постапува во предистражна постапка поради сомнежи за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, поврзано со финансиското работење на прилепската болница.
Инаку, минатата година новото раководство на Општата болница со проширена дејност во Прилеп изјави дека установата има наследени долгови од 193 милиони денари и блокирана сметка.
Тогаш Финансиската полиција почна да го проверува финансиското работење на болницата.