„Треба час поскоро системот ‘Безбеден град’ да биде инсталиран и да функционира. И сите законски измени што се неопходни да бидат донесени. Сметам дека оваа година сето тоа ќе биде ставено во функција. Жалам што низ годините наназад тоа не било направено. Во овој буџет веќе се обезбедени средства, не само во градовите, туку и за клучните артерии и експресни патишта што ја поврзуваат државата со соседните држави“, вели премиерот
Апсолутно е оправдан револтот на граѓаните, рече премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за денешниот протест на местото каде што младата Фросина од Неготино завчеравечер е прегазена додека поминувала на пешачки премин, а на кој граѓаните бараат правда за сите жртви од сообраќајни незгоди.
Најави дека ќе се спроведе ригорозна казнена политика на спроведување на ваков тип дивеење по улиците и булеварите.

„Еден од начините да се надмине сето ова е токму оној систем кој треба да детектира ваков тип дивеење по улиците и булеварите, не само во главниот град, туку и насекаде во државата. Министерството за внатрешни работи го спроведува тоа како постапка и наскоро ќе имаме еден таков систем, кој ќе санкционира ваков тип дивеење. Тоа мора да се случи, колку и да треба политички куршуми да добиеме, тоа мора да го инсталираме и имплементираме и да преземеме казнена политика која ќе биде ригорозна, затоа што и еден живот да спасиме, сме ја постигнале целта“,
рече тој.
Коментирајќи го случајот со младата Фросина, рече дека за жал прерано згаснал еден млад живот поради еден дивјак, за кој рече дека дивјачки се однесувал на улиците во главниот град.
За него, понеодговорно е однесувањето на одделни политичари, за кои рече дека со некрофилска политика се обидуваат со пораки што згрозуваат да привлечат политичко внимание и да добијат политички поен.
„Ова е граѓански и оправдан протест и го поддржувам. Треба час поскоро системот ‘Безбеден града’ да биде инсталиран и да функционира. И сите законски измени што се неопходни да бидат донесени. Сметам дека оваа година сето тоа ќе биде ставено во функција. Жалам што низ годините наназад тоа не било направено. Во овој буџет веќе се обезбедени средства, не само во градовите, туку и за клучните артерии и експресни патишта што ја поврзуваат државата со соседните држави“,
вели премиерот.
Се надева дека судско-обвинителскиот систем, за кој рече дека е со доверба помала од 2 отсто кај граѓаните, конечно ќе се ослободи од партиските и други влијанија и ќе суди и обвинува според закон и нема да толерира ваков тип на личности, кои ако на време не се санкционирани можат да многу дела.
„Згрозен сум од политичарите некрофили кои на ваков начин сакаат да добијат политички поени. Апсолутно револтот на граѓаните го поддржувам. Жалам што прерано згасна еден млад живот“,
кажа Мицкоски.
Стотици граѓани денеска се собраа на протест по повод прерано згаснатиот живот на младата Фросина од Неготино која беше прегазена додека поминувала пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, во близина на пекарницата „Силбо“.
Граѓаните на мирниот протест бараат правда за сите жртви од сообраќајни незгоди, односно зголемено полициско присуство на улиците, да се вратат позорникарите и да се казнат виновниците за овој случај – од обвинетиот до обвинителите и судиите кои го ослободувале младиот возач за претходните дела.
Вечерта на 29 јануари, петнаесетина минути пред полноќ, 20-годишникот со автомобил удри во 22-годишна девојка на булеварот „Партизански одреди“ која им подлегна на повредите на самото место. Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено.