ВМРО ДПМНЕ бара од спикерот Талат Џафери како прва точка на утрешната пленарна седница да ја стави нивната информација за состојбата со аерозагадувањето.
Пратеничката група од опозицијата тврди дека согласно Деловникот спикерот е обврзан да ја стави на дневен ред.
„Поради алармантноста на ситуацијата во однос на загадувањето на воздухот истата да биде разгледана и по неа дискутирано во текот на утрешната седница. Оваа точка бараме да се стави како прва точка на дневен ред на утрешната пленарна седница.
Ова господинот Талат Џафери е обврзан според членот 69 став 3 од Деловникот на Собранието“, велат од ВМРО – ДПМНЕ.
Речиси истовремено со ова барање на опозицијата во Собранието, во Владата заменик министерот за животна средина Јани Макрадули објаснуваше дека оваа година има значително намалување на бројот на денови со надминати средно-дневни концентрации на ПМ 10 честичките и со координираната инспекција драстично ги намалила примерите на илегални палења.
„Во Скопје има повеќе зеленило, ослободени се дрва, поставени се зелени бариери меѓу пешаците и велоспиедистите и возилата. Има нови паркови и зелени кровови. Во 36 општини, во 108 јавни објекти има фотоволтаични системи. Македонија е шампион во реформи во енергетска политика. Го намаливме ДДВ за парно греење, ја одржавме цената на струјата и таа е достапен извор за греење. Комплементарен придонес се и мерките во планот за чист воздух – прв стратешки документ донесен од Владата, која директно се справува со изворите на загадување со сопствени буџетски средства“, рече Макрадули на тематската прес конференција во владата.
Сепак, призна дека од административно-бирократски процедури се доцни со реализацијата на поставувањето на инвертори во студентскиот дом „Кузман“ и иако средствата се префрлени уште во септември прокетот не е започнат. Но уверува дека до крајот на грејната сезона тоа ќе биде реализирано.
Макрадули соопшти дека владата за следната година во планот за чист воздух планира 100 милиони денари.