Мицкоски, вчера на прес-конференција побара брзи предвремени парламентарни избори кои, според него, ќе овозможат формирање стабилна влада, способна да се соочи со предизвиците пред кои е исправена земјата
СДСМ вчера уште еднаш повтори дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот
Лидерот на ЛДП Горан Милевски, пак, вчера за Сител изјави дека до средината на следната недела ќе има некој искристализиран предлог за идниот мандатар на владата, а смета и дека за десетина дена можеби ќе има избор на нова влада. Милевски посочи дека во моментот коалициските партнери кои се дел од Владата имаат интензивни преговори
Парламентарното мнозинство нема да гласа за предвремени избори, објави вчера СДСМ, оценувајќи дека се потврдило оти најавите за ново парламентарно мнозинство од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се неостварливи и паднале во вода.
СДСМ вчера уште еднаш повтори дека парламентарното мнозинство е стабилно и одговорно кон иднината на државата и народот.
„Христијан Мицкоски не може да направи парламентарно мнозинство, бидејќи има опасни планови за државата. Во име на гласовите на граѓаните кои ги освои владината коалиција кои се повеќе од гласовите на опозицијата, во име на нужноста земјата да продолжи напред во решавање на последиците од пандемијата и во соочување со енергетската криза, во име на потребата да ги вложиме сите напори да ги почнеме преговорите со ЕУ, ова парламентарно мнозинство нема да ја става државата на ризик и нема да гласа за брзи предвремени парламентарни избори“,
посочуваат од партијата.
СДСМ објави податоци за освоените гласови и советнички места, кои, споредени со бројките од ланските парламентарни избори, укажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ изгубила околу 23 илјади гласа, а Алијансата околу 27 илјади, додека кај СДСМ реалната загуба, за нешто повеќе од една година, е околу 35 илјади.
Владејачките партии збирно освоиле 419 180 гласа, а опозициските 400 090 или соодносот во советнички места е 664 наспроти 603.
Мицкоски, вчера на прес-конференција побара брзи предвремени парламентарни избори кои, според него, ќе овозможат формирање стабилна влада, способна да се соочи со предизвиците пред кои е исправена земјата.
„Брзите избори ќе треба да обезбедат влада која ќе спроведува политики кои ќе решаваат проблеми и ќе ја донесат новата иднина во која веруваме и за која се бориме. Воедно нова влада треба да ги релаксира и односите во општеството за да се стави крај на поделбите и конфликте и посеаната омраза која е во функција на заштита на криминалот, да се донесе правда и сигурност да зачекориме во подобри времиња иднина каква секој еден граѓанин заслужува“,
рече Мицкоски.
Шефот на дипломатијата Бујар Османи, во меѓувреме рече дека сите членки на владината коалиција на координативната средба кај премиерот Зоран Заев во понеделникот потврдиле дека силно го поддржуваат сегашното парламентарно мнозинство и Влада и не се подготвени да поддржат друго. Тој нагласи дека смета оти нема да има предвремени избори, додавајќи дека ниту граѓаните, ниту државата имаат потреба од нешто такво.
„Треба прво да ги завршиме овие предизвици во кои се наоѓаме, па потоа може да зборуваме за политички натпревар. На евентуални, хипотетички избори, било да се тие предвремени или редовни, граѓаните ќе одлучат кој ќе ги застапува“,
додаде Османи.
Тој потенцира дека актуелната Влада е формирана врз основа на политички договор направен пред една година и било непотребно, избрзано и погрешно, како што рече, претворањето на локалните избори во референдум.
„Никој не може да биде сигурен дека ќе има решение во декември. Но, дека нема да има решение ако се дестабилизира Владата без сигурна алтернатива, тоа е сигурно. Ние во декември имаме прозорец со можности, мислиме имаме такви сигнали и предуслови дека можеме да најдеме решение за да ја одржиме првата меѓувладина конференција (со ЕУ) и треба да го искористиме овој момент. Ако тоа не се случи во декември, сигурно дека Албанија ќе се обиде да се одвои од пакетот, што ќе има други последици за нас, бидејќи ќе се создаде лажна перспектива дека европскиот процес продолжува, а Северна Македонија ќе остане изолирана и поледиците ќе ги чувствуваме сите нас. Затоа реков, во овие моменти ваквите решенија не треба да се одраз на лични емоции“,
додаде Османи.
Лидерот на ЛДП Горан Милевски, пак, вчера за Сител изјави дека до средината на следната недела ќе има некој искристализиран предлог за идниот мандатар на владата, а смета и дека за десетина дена можеби ќе има избор на нова влада. Милевски посочи дека во моментот коалициските партнери кои се дел од Владата имаат интензивни преговори.