По опожарувањето на возилото, Галетановски вели дека ниту е скаран со некого ниту, пак, некој му се заканувал

Автомобил марка „бе-ем-ве“, сопственост на Ѓорѓи Галетановски, претседател на градската организација на СДСМ во Скопје, ноќеска е опожарен.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) велат дека возилото било паркирано на улицата „Иван Козаров“ во скопската населба Кисела Вода. Од опожареното „бе-ем-ве“ биле зафатени уште две возила со скопски регистарски ознаки, едното „опел“ во сопственост на Е. К. (30) и „форд“ на А. М. (47).
Од МВР велат дека во пожарот нема повредени лица и оти тој веднаш бил изгаснат од скопската противпожарна бригада.
„Извршен е увид од увидна екипа од СВР Скопје и се преземаат мерки за расчистување на случајот“,
велат од МВР.
Галетановски, со објава на својот фејсбук-профил, ја потврди веста дека токму неговиот автомобил е запален.
„Да, возилото мое е изгорено целосно. Ниту сум скаран со некој ниту некој ми се заканувал. Секоја чест на пожарникарите што пристигнаа за три минути и пламенот не ги зафати куќите“,
пишува Галетановски.
Тој упатува апел до МВР и до министерот Панче Тошковски во најскоро време да го најдат сторителот.
„Не поради финансиска загуба, поради мирен живот во Скопје и цела држава на сите граѓани. Има и ’сејф сити’ и камери околу, да се надеваме дека мирот ќе биде вратен“,
додава Галетановски.
По опожарувањето на возилото на Галетановски се огласија од СДСМ, од каде што велат дека станува збор за криминален чин и бараат од МВР веднаш да го расчисти случајот.
„СДСМ најостро го осудува криминалниот чин и палењето на возилото на претседателот на Градската организација, Ѓорѓи Галетановски. Со доаѓањето на ВМРO-ДПМНЕ на власт безбедноста на граѓаните е сериозно загрозена. МВР наместо да се занимава со тоа како лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ да земат милионски тендери, нека земе конечно нешто да работи. Бараме МВР и сите надлежни институции веднаш да постапат, целосно да го расчистат случајот и сторителите да одговараат“,
се вели во соопштението од СДСМ.