Од МВР за „360 степени“ велат дека лицето кое пријавило во полиција е сопственикот Б.Л. и дека немаат сознанија за поврзаност на возилото со Груби. ТВ Алсат, пак, јавува дека иако се води на име на друго лице, „аудито“ приватно го користи Артан Груби
„360 степени“ испрати прашања до вицепремиерот Груби, но засега нема одговор
Рано изутрината околу 3 часот во СВР Скопје било пријавено дека е опожарено возило на улица „Струмичка“ во скопската населба Чаир. Повеќе медиуми пренесуваат дека станува збор за приватно возило на првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби и дека автомобилот бил запален од непознати лица.
Во полицискиот билтен пишува дека возилото е сопственост на извесен Б.Л.
„Денеска (22.7.2023) во СВР Скопје е пријавено дека околу 03.30 часот на ул. ‘Струмичка’ настанал пожар во патничко возило ‘ауди’ со скопски регистарски ознаки, сопственост и паркирано од Б.Л. (35) од Скопје“,
соопштуваат од МВР.
Нема детали како настанал пожарот.
Од МВР за „360 степени“ велат дека лицето што пријавило во полиција е сопственикот на возилото Б.Л. и дека немаат сознанија за поврзаност на возилото со Груби.
„360 степени“ испрати прашања до вицепремиерот Груби дали станува збор за негово приватно возило, како што пренесуваат дел од медиумите, дали има сознанија за можни сторители и сомнежи за мотивите или причините за инцидентот? Одговор не добивме до објавување на текстот.
Претпладнето Алсат објави дека, иако се води на име на друго лице, возилото приватно го користи Артан Груби. Телевизијата објави и снимка на која се гледа опожареното возило марка „ауди“ пред да биде тргнато од местото на пожарот.