Лицата Ф. Ц. (23) и И. Ц. (24), и двајцата од Скопје, како што информираат од МВР, се лишени од слобода поради сомнение дека намерно го предизвикале пожарот. Тие се задржани во полициска станица за понатамошна постапка
Две товарни и едно патничко возило синоќа биле опожарени на паркинг-простор од Спортскиот центар „Јане Сандански“ во скопската општина Аеродром, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).

Поради сомнение дека возилата се намерно запалени, полициски службеници од станицата во Аеродром и екипа на Единицата за интервентна полиција при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје од слобода лишиле две лица.
Станува збор за Ф. Ц. (23) и И. Ц. (24), и двајцата од Скопје, кои, како што информираат од МВР, се задржани во полициска станица за понатамошна постапка.
Инаку, според Министерството, синоќа во 2:20 часот во СВР Скопје било пријавено дека на паркинг-простор од СЦ „Јане Сандански“, на подрачјето на општина Аеродром, биле опожарени товарно возило „ивеко“ и товарно возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, двете сопственост на фирма од Скопје, како и патничко возило „опел“ со прилепски регистарски ознаки, сопственост на прилепчанец со иницијали Е. С.
Триесетина минути по пријавата на случајот, односно во 2:50 часот пожарот бил изгаснат од екипа на скопската Бригада за противпожарна заштита.
„По преземени мерки и активности на полициски службеници од Полициската станица Аеродром и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, поради сомнение дека го предизвикале пожарот на бул. АСНОМ, од слобода се лишени Ф. Ц. (23) и И. Ц. (24), двајцата од Скопје“,
се наведува во соопштението од МВР.