Недостигот на биолошка терапија за дел од пациентите што се лекуваат на Клиниката за радиотерапија и онкологија трае околу еден месец. Ситуацијата предизвика загриженост кај пациентите што стравуваа за тоа на колку долго време ќе ги нема лековите што им се потребни
На Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија пристигнала биолошката терапија која беше дефицитарна за дел од пациентите што се лекуваат во оваа јавна здравствена установа.

Од Онкологија за државната новинска агенција МИА потврдиле дека терапијата пристигнала во текот на денот по спроведена нова јавна набавка.
„Пациентите навремено ќе бидат известени од страна на персоналот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија кога да дојдат за апликација на терапијата и/или за подигање на таблетарната терапија“,
велат од Клиниката.
Дополнително, оттаму наведуваат дека во текот на денот и сукцесивно во текот на наредната недела ќе се дистрибуираат сите лекови.
Од Клиниката потврдиле дека веќе ги имаат сите лекови што недостигаа.
Недостигот на биолошка терапија за дел од пациентите што се лекуваат на Клиниката за радиотерапија и онкологија трае околу еден месец. Ситуацијата предизвика загриженост кај пациентите што стравуваа за тоа на колку долго време ќе ги нема лековите што им се потребни.
Дел од здруженијата на онколошки пациенти, кои беа засегнати од настаната ситуација, како причина што тешко болни луѓе се оставени без терапијата што им е неопходна ги наведоа тендерските процедури за годишната набавка и административните кочења.
Од Клиниката пред околу две недели информираа дека процедурата за годишната набавка на терапија е во тек и дека за една недела или веднаш после Велигден ќе се потпишеле договорите со добавувачите за да почнат да ги носат лековите кои недостигаат.
За недостигот од биолошка терапија за дел од онколошките пациенти, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски тогаш изјави дека тоа е поради промени во системот за јавни набавки.
Дел од онколошките пациенти и во јануари годинава се соочија со недостаток на терапија. Директорот на Клиниката за онкологија тогаш рече дека повеќето од пациентите што се третираат во оваа установа ја примаат потребната терапија, хемотерапија, радиотерапија и биолошка терапија. Тој рече дека недостасуваат лекови за дел од третманот за околу 40 до 60 пациенти.
Министерот за здравство Арбен Таравари тогаш потврди дека недостасувала терапија за околу пет отсто од пациентите и изрази надеж дека со новиот начин на набавка на лекови нема да се случи идниот јануари или февруари да недостасуваат лекови.