Од владејачката партија велат оти очигледно е дека опозицискиот СДСМ пласира дезинформации и паника по одлуката наесен и напролет покачувањата на пензиите да бидат линеарни
Граѓаните знаат дека во времето на СДСМ пензиите стагнираа, инфлацијата беснееше, а животните трошоци кај пензионерите растеа без компензација – се вели во реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на пратеничката од редовите на СДСМ, Јованка Тренчевска, која обвини оти власта спроведува историска измама на пензионерите со линеарното зголемување од само 1 000 денари.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ одбивал да ги усогласи пензиите со растот на цените, а пензионерите беа оставени сами на себе, без реална поддршка, без зголемувања што го следат растот на економијата. Дополнително, велат дека тие го урнале системот, а сега се претставуваат во улога на спасители, но јавноста е свесна за нивниот евтин политички театар.
„Едно е јасно, дека тие се градители на сиромаштија и актери на лажна загриженост. Нема логика оние кои системски ги крадеа пензионерите, денес да зборуваат за ‘заслужено’ и ‘оштетени’. Тие се последните кои имаат морално право на тоа“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму надополнуваат и дека СДСМ ги лажела и понижувала пензионерите со покачувања од 59, 75 или, пак, 120 денари. Сега, велат, пензиите се зголемуваат, а власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ се грижи за пензионерите со ново линеарно покачување и оти до март 2026 година, со новата методологија, пензиите акумулативно, ќе пораснат за 7 000 денари.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи одговорно и го овозможува сето она што им беше ускратено на пензионерите изминатите седум години, овозможи историски највисоко покачување на пензиите за 7 000 денари, за да можат лицата од трето доба достоинствено и безгрижно да уживаат во пензионерските денови“,
реагираат од владејачката партија.
Претходно, пратеничката на СДСМ и поранешна министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска обвини дека последната одлука на Владата за линеарно зголемување на пензиите за 1 000 денари претставува историска измама, со која се укинува законскиот механизам за усогласување на пензиите со трошоците за живот. Според неа, со оваа одлука пензионерите ќе бидат оштетени двапати – најпрво во септември 2025 година, а потоа повторно во март 2026 година.