Новиот оператор првично ќе почне да работи на територијата на Скопје и на почетокот ќе ја користи мрежната инфраструктура на постојните два мобилни оператори додека не изгради сопствена
„Оне Македонија телекомуникации“ на унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ и формално е трет мобилен оператор во државата. Официјализирањето на влезот на компанијата на македонскиот телекомуникациски пазар се случи на денешната свечена прес-конференција на која раководството на „Оне Македонија“ ја доби лиценцата за 5Г-радиофрекфенции од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК).

Одобренијата што се доделуваат со тендерот, директорот на АЕК, Јетон Акику, свечено им ги врачи на претседателот на одборот на директори на „Оне Македонија“ и директор за стратегии во групацијата „Фор-ај-џи“, Пал Заранди, извршниот директор на новиот оператор, Бране Ѓуровиќ и заменик-извршниот директор на компанијата Габор Алтман.
Како што беше кажано, новиот оператор првично ќе почне да работи на територијата на Скопје и на почетокот ќе ја користи мрежната инфраструктура на постојните два мобилни оператори додека не изгради сопствена.
„За да бидеме целосно независни, тоа бара време и затоа ќе ја користиме мрежата на нашите конкуренти за т.н. национален роаминг. Првично ќе ја лансираме мрежата во Скопје, а потоа и на територијата на цела Македонија“,
рече Заранди најавувајќи дека ќе имаат договор со „Ериксон“ и ќе се придржуваат до законите на државата за користење безбедна мрежа.
Тој кажа и оти очекува сериозен удел на телекомуникацискиот пазар, а изградбата на сопствена мрежа, според Заранди, нема да претставува поголем проблем бидејќи компанијата „Фор-ај-џи“ е добро распространета во регионот.
Претседателот на одборот на директори на „Оне Македонија“ се осврна и на тендерот, кој, како што кажа, покажал дека Македонија е посветена на долгорочни инвестиции и развој на дигиталната инфраструктура.
„Со спроведениот транспарентен и структуриран процес на тендерот се испраќа јасен сигнал дека Македонија е посветена на фер конкуренција, долгорочни инвестиции и развој на доверливи дигитални инфраструктури“,
изјави Заранди.
Освен изградбата на нивна автономна мрежа, за да не зависат од другите, тој најави дека компанијата ќе ангажира и експерти што ќе направат истражувања на пазарот за што подобро позиционирање на пазарот.

Претставникот на Агенцијата за електронски комуникации, Игор Бојаџиев, соопшти дека „Оне Македонија“ на 14 јануари го уплатила еднократниот надоместок од 8 020 003 евра, со што ги исполнила сите услови да ги добие трите одобренија.
Според планот, новиот оператор до крајот на март 2027 година треба да покрие еден град со 5Г-сигнал, а до крајот на 2028 година, согласно договорот, со постојан 5Г-сигнал без прекин треба да бидат покриени главните патни коридори во државата. До крајот на 2030 година новиот мобилен оператор треба да обезбеди сигнал во сите градови. Се очекува до крајот на 2032 година секој граѓанин да има можност за пристап до интернет преку 5Г со минимална брзина на пристап до интернет од најмалку 100 мегабајти во секунда.
Рокот на важност на одобренијата за користење радиофреквенции А1 и С1 ќе биде 12 години, а на одобрението В1 осум години, поради усогласување со претходно издадените одобренија на другите два оператора.
Процесот за воведување трет мрежен оператор за мобилни мрежи и услуги почна минатата година откога Групацијата „Фор-ај-џи“, преку својата подружница „Оне Македонија телекомуникации“, на 17 декември 2024 година, официјално достави писмо за намери до АЕК, каде што изрази интерес за обезбедување достапни радиофреквенции како дел од планот за влез на телекомуникацискиот пазар како нов оператор во државата.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николовски во изјава за медиумите тогаш оцени дека официјализирањето на интересот за влез на пазарот од Групацијата ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператора во земјата и намалување на цените за мобилни услуги.
На 22 април 2025 година Агенцијата за електронски комуникации отвори јавна расправа, која резултира со писма за искажување интерес од „Оне Македонија телекомуникации“ ДООЕЛ Скопје, „Битстрим мобиле“ ДООЕЛ Скопје и од „Е и ППФ телеком груп Б. В.“.
На 19 јули 2025 година донесе одлука за распишување јавен тендер со јавно наддавање за доделување одобренија за користење радиофреквенции од радиофреквенциските опсези 700 MHz, 1800 MHz и 3.x GHz.
Единствен квалификуван понудувач на тендерот беше „Оне Македонија телекомуникации“, а одлуката за избор беше донесена на 12 јануари годинава.
