Сиљановска-Давкова, како што соопштија од нејзиниот кабинет, му се заблагодарила на генералниот секретар на ОН за неговата безрезервна поддршка на македонскиот пат кон Европската Унија и за неговата позиција дека е потребно забрзување на евроинтегративниот процес
Обединетите нации (ОН) треба да ја зајакнат својата улога и да бидат главна арена за справување со глобалните предизвици – од војната во Украина и конфликтите на Блискиот Исток, до климатската криза и спроведувањето на Агендата 2030. Ова, меѓу другото, го истакнала претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на средбата со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.

Инаку, Сиљановска-Давкова неделава престојува во Њујорк каде ја претставува земјава на 80. Генерално собрание на светската организација.
На средбата со Гутереш, како што соопштија од нејзиниот кабинет, Сиљановска-Давкова изразила почит кон неговата улога како глас на разумот и правдата во време на големи глобални предизвици и тектонски промени во меѓународниот поредок.
„Според претседателката, водството на Гутереш отвора простор за спроведување на потребните реформи на светската организација, а одличното партнерство со тимот на ОН во земјава, резултира со значајна поддршка на реформите за владеење на правото, борбата против корупцијата и доброто управување – приоритети кои се клучни за македонската европска интеграција“,
се наведува во соопштението за средбата.
Сиљановска-Давкова, како што се додава, му се заблагодарила на генералниот секретар на ОН за неговата безрезервна поддршка на македонскиот пат кон Европската Унија и за неговата позиција дека е потребно забрзување на евроинтегративниот процес.
Таа ја нагласила и важноста на женското лидерство и укажала дека активно се спроведува и Вториот национален акционен план за жени, мир и безбедност.
Во соопштението од кабинетот на Гутереш, пак, се наведува дека генералниот секретар и претседателката размениле мислења за случувањата во регионот на Западен Балкан, вклучително и процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија. Тие разговарале и за соработката меѓу Обединетите нации и Северна Македонија.
По средбата со Гутереш, Сиљановска-Давкова, во Постојаната мисија на ЕУ во Њујорк, ќе присуствува на ручекот што за лидерите од Западен Балкан го организира високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
Според агендата, таа ќе присуствува и на церемонијата организирана од страна на Атлантскиот совет за доделување награди за глобални граѓани, како и на приемот организиран од меѓународниот центар „Низами Ганџави“.
Претседателката Гордана Сиљановска–Давкова синоќа присуствуваше на приемот што го приреди американскиот претседател Доналд Трамп.
Предвидено е таа утре да има обраќање на 80. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации.