Таквиот потег, порача претставникот на ОН, Мирослав Јенча, би бил длабоко алармантен и би можел да ги загрози животите на повеќе Палестинци и на израелските заложници што ги држи Хамас
Доколку Израел ги прошири своите воени операции во Газа ќе има катастрофални последици, предупреди помошник-генералниот секретар на Обединетите нации, Мирослав Јенча, пред Советот за безбедност на ОН.

Неговата изјава уследи по извештаите кои сугерираат дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се залага за целосна реокупација на Појасот Газа. Таквиот потег, порача претставникот на ОН, би бил длабоко алармантен и би можел да ги загрози животите на повеќе Палестинци, како и на израелските заложници што ги држи Хамас.
„Според меѓународното право, Газа е и мора да остане составен дел од идната палестинска држава“,
рече Јенча во обраќањето пред Советот на безбедност на ОН.
Тој го повтори повикот за прекин на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници и го повика Израел да дозволи помош за Палестинците кои, како што рече, се соочуваат со бедни и нехумани услови.
Претставникот на Обединетите нации го осуди и континуираното насилство на местата за дистрибуција на храна, велејќи дека повеќе од 1 200 Палестинци се убиени од крајот на мај додека се обидувале да дојдат до храна.