Флечер вели дека е решен да обезбеди помошта на ОН да стигне до оние на кои им е најпотребна и да се осигура дека секој ризик од кражба од страна на Хамас или други милитанти кои се борат против израелските сили во Газа во услови на нова офанзива, ќе биде минимизиран

Шефот на службата на ОН за хуманитарна помош Том Флечер синоќа предупреди дека ограничените испораки на помош, што неодамна беа дозволени да влезат во Појасот Газа, не се доволни.
Флечер потврди дека Израел вчера им дозволил на неколку камиони да влезат во палестинската енклава.
„Но, тоа е капка во морето од она што е итно потребно. Добивме уверување дека нашата работа ќе биде олеснета преку постојните, докажани механизми. Благодарен сум за тоа уверување и за согласноста на Израел за мерките за хуманитарно известување што ги намалуваат огромните безбедносни закани од операцијата“,
вели тој нагласувајќи ја потребата од значително повеќе помош во Газа во следните денови.
Шефот на хуманитарната служба Флечер во својата изјава вели дека е решен да обезбеди помошта на ОН да стигне до оние на кои им е најпотребна и да се осигура дека секој ризик од кражба од страна на Хамас или други милитанти кои се борат против израелските сили во Газа во услови на нова офанзива, ќе биде минимизиран.
Тој рече дека канцеларијата за координација на помош на ОН, OCHA, има реални очекувања со оглед на тоа дека тековните бомбардирања и акутните нивоа на глад, ризиците од грабежи и несигурност се значителни.
„Хуманитарните работници на ОН се посветени на извршување на својата работа дури и наспроти овие шанси“,
рече тој.
Флечер рече дека за да се намалат грабежите, мора да има редовен проток на помош, а на хуманитарците мора да им биде дозволено да користат повеќе рути.
„Подготвени сме и решени да ја прошириме нашата операција во Газа, која спасува животи, и да одговориме на потребите на луѓето, каде и да се“,
нагласи тој повикувајќи на заштита на цивилите, продолжување на прекинот на огнот и итно и безусловно ослободување на сите заложници.
Според ОН, израелските власти дозволиле девет камиони да влезат во Газа, додека израелската агенција, одговорна за палестинските прашања, соопшти дека само пет камиони стигнале до целта.