Европската унија размислува да им даде на Украинците специјален статус според сè уште неискористената Директива за привремена заштита од 2001 година, која ќе им овозможи да живеат и работат во Унијата до три години
Повеќе од 660 000 цивили ја напуштиле Украина, објавија ОН, но тој број може масовно да се зголеми на околу четири милиони, проценува ЕУ.
Бегалците ги минуваат границите кон соседните земји на запад, вклучувајќи ги Полска, Романија, Словачка, Унгарија и Молдавија.
Според ОН, Полска досега примила над 377 000 бегалци. Полската влада вели дека секој ден пристигнуваат уште по 50 000.
Унгарија и Романија даваат парични надоместоци за храна и облека, а децата се запишуваат во локалните училишта.
Чешката Република активираше план кој ќе им помогне на бегалците да аплицираат за посебен вид виза преку поедноставена процедура.
Владата на Шпанија денеска соопшти дека ќе им дозволи влез на Украинците кои ја напуштаат земјата поради руската инвазија и ќе испрати уште 150 војници во Летонија.
Владината портпаролка Изабел Родригез истакна дека украинските бегалци ќе бидат „целосно шпански граѓани“ од моментот кога ќе пристигнат во Шпанија, „во смисла на пристап до вработување“.
Во Шпанија моментно живеат околу 112 000 Украинци, според националниот завод за статистика.
Европската унија размислува да им даде на Украинците специјален статус според сè уште неискористената Директива за привремена заштита од 2001 година, која ќе им овозможи да живеат и работат во Унијата до три години.
Директивата првично беше подготвена за бегалците од конфликтите што ја зафатија поранешна Југославија. Меѓутоа, за да може да се користи алатката, квалификуваното мнозинство од државите на ЕУ – 15 од 27, што претставуваат најмалку 65 отсто од населението на Унијата, треба да ја поддржат.