Според податоците на ОН, најмал дел од бегалците се засолниле во Белорусија или вкупно 374, а над 47 000 луѓе, пак, избегале во Руската Федерација
Милион бегалци ја напуштија Украина и заминаа во соседните земји од почетокот на рускиот напад врз Украина пред точно една недела. За ова информираше денеска високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди.
„Во само седум дена бевме сведоци на егзодусот на милион бегалци од Украина во соседни земји“,
напиша Гранди на Твитер.
Тој додаде дека за милиони други лица, внатре во Украина, време е оружјето да „стивне“, за да може да пристигне хуманитарната помош и да се спасат човечки животи.
Според податоците на Агенцијата за бегалци на Обединетите нации (УНЦХР), согласно вчерашниот ден, најголем дел од бегалците од војната во Украина заминале во Полска или над 547 000 бегалци.
Според податоците на УНЦХР, во Унгарија побегнале околу 133 000 лица, а над 97 000 избегале во Молдавија.
Во Словачка се засолниле околу 79 000 бегалци, а околу 51 000 заминале во Романија.
Во Руската Федерација, пак, засолниште нашле над 47 000 луѓе.
Чешката влада прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена поради зголемениот број на бегалци од Украина.Вонредната состојба стапува на сила од утре и ќе може да биде продолжена ако биде неопходно, пренесува Си-eн-eн.
Премиерот на Чешка Петр Фијала претходно изјави дека вонредната состојба се воведува од чисто технички причини, со цел Чешка да се справи со приливот на бегалци и дека никако нема да влијае на граѓаните на земјата.
Најмал дел од бегалците заминале во Белорусија или вкупно 374. Над 88 илјади бегалци, пак, заминале во останатите земји во Европа.