Нацрт-резолуцијата го поздравува советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата, кој во јули израелската окупација на палестинските територии и населби ја нарече нелегална и побара повлекување на Тел Авив
Генералното собрание на Обединетите нации денеска ќе усвои палестинска резолуција со која се повикува Израел да го прекине „незаконското присуство на окупираната палестинска територија“ во рок од 12 месеци.
Постапката ќе го изолира Израел со денови пред светските лидери да дојдат во Њујорк на годишниот собир.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе се обрати пред 193-членото Генерално собрание на 26 септември, истиот ден кога свое обраќање ќе има и палестинскиот претседател Махмуд Абас.
Нацрт-резолуцијата го поздравува советодавното мислење на Меѓународниот суд на правдата, кој во јули, израелската окупација на палестинските територии и населби ја нарече нелегална и побара повлекување на Тел Авив.
Нацрт-резолуцијата е првиот официјален документ поднесен од палестинската управа откако овој месец ѝ беа доделени дополнителни права и привилегии, вклучително и место меѓу членовите на ОН во собраниската сала и право да предлагаат нацрт-резолуции.
САД се против
Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, ги повика земјите да гласаат против резолуцијата. Вашингтон, сојузник на Израел, долго време се спротивставува на едностраните мерки кои ја поткопуваат можноста за решение со две држави.
Советодавното мислење на Меѓународниот суд не е обврзувачко, но има одредена тежина според меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел. Резолуцијата на Генералното собрание исто така не е обврзувачка, но има политичка тежина. Ниту еден член на собранието нема право на вето.
„Секоја земја може да гласа, а светот гледа. Ве молам да бидете на вистинската страна на историјата. Со меѓународното право. Со слободата, со мирот“,
изјави во вторникот на Генералното собрание, палестинскиот амбасадор во ОН Ријад Мансур.
Израел: Ова е дипломатски тероризам
Амбасадорот на Израел во ОН, Дени Данон, во вторникот го критикуваше Генералното собрание што не го осуди нападот врз Израел на 7 октомври од страна на палестинската организација Хамас, што доведе до израелска офанзива на Појасот Газа кој е под контрола на милитантната група.
Тој ја отфрли нацрт-палестинската резолуција велејќи:
„Да го наречеме ова со вистинското име: оваа резолуција е дипломатски тероризам, (кој) ги користи алатките на дипломатијата не за да гради мостови, туку за да ги сруши“.
Во војната на Блискиот Исток во 1967 година, Израел го окупираше Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим, области на историската Палестина кои Палестинците ги сакаат како дел од нивната држава, и оттогаш тој гради населби на Западниот Брег и полека ги проширува.
Војната во Појасот Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога напаѓачите на Хамас упаднаа во израелските населби, убивајќи околу 1 200 луѓе и зедоа 250 заложници, според израелските податоци.
Оттогаш, израелската армија срамни големи делови од палестинската енклава и го протера речиси целото население од 2,3 милиони луѓе од своите домови, убивајќи повеќе од 41 000 луѓе, според палестинските здравствени власти.
Потребно е двотретинско мнозинство
Потребно е двотретинско мнозинство од присутните за гласање за нацрт-резолуцијата. Мансур им рече на новинарите во понеделникот дека иако очекува нацрт-текстот да биде усвоен, тој најверојатно ќе добие помала поддршка од минатогодишните резолуции.
Палестинската управа го претставува палестинскиот народ во ОН, каде што има статус на земја набљудувач, а името на нејзината делегација е Држава Палестина.