Гутереш ги повторува своите повици до Северна Кореја да се воздржи од каква било провокација и целосно да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од резолуциите на Советот за безбедност
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, преку неговиот портпарол „најостро го осуди“ севернокорејското истрелување балистички ракети и артилериски оган, пред состанокот на Советот за безбедност посветен на зголемувањето на тензиите на Корејскиот Полуостров.
Гутереш „ги повторува своите повици до Северна Кореја да се воздржи од каква било провокација и целосно да ги исполни своите обврски кои произлегуваат од резолуциите на Советот за безбедност“, рече неговиот портпарол Стефан Дужарик.
Генералниот секретар на ОН беше „многу загрижен поради тензиите на Корејскиот полуостров и ширењето на воената реторика“, изјави дипломат на ОН.
„Тој ја повикува Северна Кореја да преземе чекори што е можно поскоро за продолжување на преговорите со цел да се воспостави траен мир и целосна и проверлива денуклеаризација на Корејскиот полуостров“,
рече дипломатот.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, ги критикуваше „провокациите на режимот во Пјонгјанг кои само создаваат поголема несигурност и нестабилност на полуостровот“.
Овие осуди доаѓаат неколку часа пред состанокот на Советот за безбедност на ОН свикан на барање на САД и посветен на Северна Кореја, на кој нема да има гласање. По седницата ќе биде прифатена само заедничка изјава, соопштуваат дипломати на ОН.
Северна Кореја истрела околу 30 проектили, а еден падна во близина на територијалните води на Јужна Кореја, што е прв ваков инцидент од крајот на Корејската војна во 1953 година.
„Секое нуклеарно тестирање и секоја друга опасна акција ќе биде дочекана со брз, остар и обединет одговор од меѓународната заедница“,
предупредија земјите од Г7, чии министри за надворешни работи се состанаа во Германија и ја осудија ескалацијата во тој дел од светот.
Војската на Јужна Кореја соопшти дека наредила таканаречените стелт авиони да полетаат откако забележале 180 севернокорејски борбени авиони, што е најновата епизода во спектакуларната ескалација на тензиите во последните денови на Корејскиот полуостров.