СЗО досега потврди најмалку 18 различни напади врз здравствени установи од почетокот на рускиот напад врз Украина, при што се убиени десет, а се повредени 16 лица
Обединетите нации (ОН) и Светската здравствена организација (СЗО) повикаа на „итно прекинување на нападите врз болниците, здравствените работници, амбулантните возила“ во Украина.
„Тие не смеат никогаш да бидат цели на напади“,
изјави пред медиумите портпаролот на ОН, Стефан Дужарик.
Дужарик додаде дека Обединетите нации ги следат деталите за пријавениот напад врз детска болница и породилиште во градот Мариупол, каде што се пријавени најмалку 17 повредени.
Вчера, градските власти на Мариупол соопштија дека руските сили фрлиле неколку бомби и уништиле детска болница во опколениот пристанишен град Мариупол во југоисточниот дел на Украина, а во соопштението објавено на Фејсбук, властите велат дека уништувањето е „колосално“.
СЗО досега потврди најмалку 18 различни напади врз здравствени установи од почетокот на рускиот напад врз Украина, при што се убиени десет, а се повредени 16 лица.
И извршната директорка на УНИЦЕФ, Кетрин Расел го осуди пријавениот напад врз детската болница во Мариупол и покрај договорениот прекин на огнот.
„Повеќе од милион деца се евакуирани од Украина во соседните земји за помалку од две седмици од почетокот на оружениот конфликт во таа земја“,
изјави Кетрин Расел, извршната директорка на УНИЦЕФ.
Според неа, од почетокот на конфликтот, досега, се убиени најмалку 37, а повредени 50 деца.
