Истовременото ширење на сојот делта и на сојот омикрон на коронавирусот создава „цунами од случаи“ на новозаразени, предупреди денеска на прес-конференција генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Многу сум загрижен што омикрон, кој лесно се пренесува и се шири во исто време со делта, води до цунами од случаи. Тоа е двојна закана што доведе до нагло зголемување на хоспитализации и смртни случаи“,
рече Тедрос.
Тој го повтори својот повик до земјите да дистрибуираат дози на вакцини против коронавирусот поправедно и предупреди дека акцентот на засилувачките дози во побогатите земји може да доведе до недостиг на вакцини во посиромашните земји.
Тедрос рече дека СЗО е посветена да обезбеди секоја земја да достигне стапка на вакцинација од 70 проценти до средината на 2022 година, што ќе помогне да се стави крај на критичната фаза на пандемијата.
Photo: EPA-EFE/FABRICE COFFRINI / POOL