Во спротивно, како што наведува Народниот правобранител, би се повредило нивното достоинство и правото на заштита од политички влијанија гарантирано со Конвенцијата за правата на детето, Законот за заштита на децата, како и Изборниот законик со кој се предвидува учесниците во изборната кампања да постапуваат согласно принципите на етичко и одговорно однесување
Во ек на кампањата за локалните избори, Народниот правобранител апелира учесниците во изборниот процес да се воздржат од вклучување на деца во политичките активности.

Во спротивно, би се повредило нивното достоинство и правото на заштита од политички влијанија гарантирано со Конвенцијата за правата на детето, Законот за заштита на децата, како и Изборниот законик со кој се предвидува учесниците во изборната кампања да постапуваат согласно принципите на етичко и одговорно однесување.
Народниот правобранител укажува дека децата не смеат да бидат користени за промоција на политички партии, кандидати или програми ниту, пак, да се појавуваат во спотови, јавни настапи или промотивни материјали во контекст на кампањата. Во оваа смисла омбудсманот ги охрабрува родителите и јавноста да ги пријавуваат ваквите случаи со цел заштита на правата и достоинството на децата.
„Секое дете има право да биде заштитено од политички влијанија и злоупотреби. Политичката борба меѓу возрасните не смее да се води преку децата“,
наведува Народниот правобранител.
Омбудсманот додава дека ќе продолжи да ја следи состојбата и ќе постапува по сите информации или претставки кои се однесуваат на можни повреди на правата на детето во изборниот процес.