„Во еден систем во кој една од темелните вредности на уставниот поредок е принципот на соодветна и правична застапеност, не смее да има празнина по однос на истите. Најитно мора да се донесе најавеното законско решение со помош на кое ќе се создадат предуслови во институциите да се вработуваат припадници од сите заедници кои живеат во Република Северна Македонија“, рече Зибери на денешната прес-конференција по повод Годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2024 година
Издавањето пасоши со новото уставно име бил еден од најголемите проблеми со кој граѓаните се соочиле минатата година, особено во првата половина, поради што со претставки реагирале и до канцеларијата на народниот правобранител.

Имено, како што информира народниот правобранител Насер Зибери на денешната прес-конференција, на која го презентираше Годишниот извештај за степенот на обезбедување, почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2024 година, најголемиот број претставки поднесени до омбудсманот лани биле од областа на граѓанските состојби, каде се констатирани најголем број повреди, Такви претставки имало 408 или 15,08 отсто од вкупно поднесените. Најголем дел од нив се однесувале на издавањето на пасошите.
Проблемите со кои се соочиле граѓаните и поради што поднесувале претставки биле неможност да закажат термин за фотографирање, бавна изработака и одобрување на патните исправи, пролонгирана испорака на веќе изготвените документи и слично.
„Неможноста да се добие патна исправа беше причина за прекршување на низа права – слобода на движење, стручно усовршување, здравствена заштита надвор од земјата, учество на спортски и други меѓународни настани“,
рече народниот правобранител.
Граѓаните лани се жалеле и за повреда на права од работните односи, како и од областа урбанизам и градба, а кај потрошувачките права најизразен бил проблемот со високи фактури за потрошена електрична енергија.
Зибери истакна дека во областа на животната средина „се бележи значаен исчекор“ – и во однос на бројот на поднесените претставки, и во разноликоста на подобластите за постапување на Народниот правобранител.
„Граѓаните почнаа да поднесуваат претставки за сите сфери на животната средина, а не само за бучавата, пракса позната низ годините. Така, добивме претставки за загадувањето на воздухот, водата, но и за почвата. Народниот правобранител формира предмет по сопствена иницијатива, пред сѐ, за загадувањето на воздухот во 15 општини чии градови се на врвот на листата најзагадени градови во Европа и во светот. Од добиените одговори произлезе дека сите општини преземаат мерки за справување со загадениот воздух иако реалноста тоа не го потврдува. Затоа, оваа 2025 година, во соработка со невладините организации, со кои потпишавме меморандум, повторно ќе работиме на оваа тема“,
кажа Зибери.
Народниот правобранител лани добивал голем број претставки и од граѓани кои станале, како што рече, „жртви на правните лавиринти и правна нејаснотија“ откако Собранието ги изгласа измените на законите за облигациони односи и за извршување, а кои судовите и извршителите одбиле нив да ги спроведат во пракса.
„Сметам дека извршителите мораат доследно да ги применуваат законските одредби кои се однесуваат на висината на каматата и дозволената висина на одземање на средства на граѓаните (една третина односно една петтина од плата или пензија), како и на делот кој се однесува на изземањето од извршување“,
кажа омбудсманот.
Правобранителот упати апел до надлежните институции во најкраток можен рок со соодветен закон „да ја пополнат правната празнина која ја создаде судот со укинување на одредбите од неколку закони и подзаконски акти, кои се однесуваа на вработувањата на немнозинските задници или познатиот балансер“.
„Во еден систем во кој една од темелните вредности на уставниот поредок е принципот на соодветна и правична застапеност, не смее да има празнина по однос на истите. Најитно мора да се донесе најавеното законско решение со помош на кое ќе се создадат предуслови во институциите да се вработуваат припадници од сите заедници кои живеат во Република Северна Македонија“,
рече Зибери.
Во обемниот извештај за прекршени права во 2024-та, се евидентирани и поплаки поради проблем со уписите во матичната евиденција и повторно појава на т.н. фантоми т.е. лица без матичен број и можност за лични документи.
Во своето излагање тој рече и дека, „по којзнае кој пат“ ја повторува констатацијата за нехумани услови во затворите кои се пренатрупани со осуденици, кои спијат „на смени“ и по ходници, живеат во хигиена на „многу ниско ниво“ и без здравствена заштита затоа што нема медицински кадар ниту психијатри, како ни доволно затворски чувари. Сето тоа, посочи Зибери, доведува до нивни меѓусебни пресметки што ги става во ризик и вработените.

Никакви позитивни поместувања, рече правобранителот, нема во водењето постапки пред управните судови иако со новиот Закон за управни спорови беше најавено сосема спротивното. Не е надминат ниту проблемот со комуникацијата, односно доставувањето на предметите и списите помеѓу судовите и со органите на државната управа.
„Во судството генерално можам да кажам дека дури имаме и уназадување и за пример ќе го земам Апелациониот суд во Штип, кој не е во состојба да ги почитува роковите за одлучување по жалби, од причина што нема доволен број на судии. Овој суд, до март 2024 година, имал само четири од потребните 16 судии, од кои само еден судија во граѓанскиот оддел. Поради тоа, во овој суд подолг временски период не било можно да се формира граѓански совет кој би одлучувал по жалбите. Сето ова довело во овој суд да има енормен број на заостанати предмети, околу 2000 само од претходните години“,
рече Зибери.
На прес-конференцијата тој посочи и на други повреди на правата на граѓаните за што имало претставки минатата година. Како пример посочи на неможноста на граѓани што работеле во Италија да остварат право на пензија затоа што не е ратификуван билатералниот договор за пензиско и социјално осигурување меѓу двете држави.
Лани во некои домови за стари лица им било ускратено правото за време на изборите да гласаат во установата, неможноста на децата со попречености во средно образование да имаат образовни асистент затоа што не беше донесен Законот за средно образование, како и ускатеноста на учениците со оштетен слух да следат содветна настава во специјализираното училиште „Партенија Зографски“ бидејќи голем број наставници не го знаат знаковниот јазик.
Во однос на правата на детето, Зибери го истакна проблемот со децата на улица кои питачат и се надвор од образовниот систем и апелираше „државата да изнајде системско решение овие деца да се заштитат и да се тргнат од улиците“.