Унгарскиот еврокомесар за проширување, како што покажуваат интерни документи во Брисел, ја фаворизира Србија во редот кон ЕУ и истовремено ја ублажува загриженоста за демократските процеси во земјата, анализира влијателниот „Политико“ во пресрет на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ
Додека лидерите на ЕУ се подготвуваат за утрешната средба со со колегите од Западен Балкан в среда, можеби ќе сакаат да го прашаат предводникот на Европската комисија за проширувањето за свој непристрасен став за напорите на регионот да ги исполни демократските стандарди и еден ден да се приклучи кон Унијата. А, можеби и нема да го прашаат.
Според повеќе од десетина службеници од повеќе европски институции и анализа на внатрешни документи, европскиот комесар Оливер Вархеји бил одговорен за намалување на загриженоста на ЕУ за владеењето на правото и човековите права кај одредени земјите кандидатки.

Иако унгарскиот дипломат треба да даде рамнопрвани и еднакви проценки за сите потенцијални членки, тој, како што пишува „Политико“, ја турка кандидатурата на една земја – Србија и покрај фактот што Белград не успеа да постигне напредок по клучните прашања, па дури и се повлече за некои.
Пристапот на Вархеји и за Западен Балкан и за Турција, не е во чекор со многу земји на ЕУ, анализира „Политико“. Според овој влијателен медиум, еврокомесарот за проширување остро се спротивставува на насоките на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. „Почитувањето на човековите права и владеењето на правото треба да бидат темели за нашата меѓународна соработка“, напиша Фон дер Лајен до Вархеји во писмото за негово на именување.
Но, ставот на Вархеји навистина одговара на агендата на една влада на ЕУ – неговата. Унгарскиот премиер Виктор Орбан во неколку наврати ги отфрли ставовите на институциите на ЕУ за владеење на правото и демократија, пред сѐ кога станува збор за критика на неговото владеење. Тој се залагаше за аспирациите на ЕУ за Србија, јужниот сосед на Унгарија, управувана од неговиот сојузник, претседателот Александар Вучиќ. Двајцата политичари – Орбан и Вучиќ беа обвинувани за авторитарни тенденции. Дали напорите на Вархеји ќе направат голема разлика за перспективите на Србија или на која било друга земја е отворено за прашање. Членките на ЕУ ги носат големите одлуки за проширување и притоа се расправаат за усогласување дури и за блага изјава/декларација што ќе произлезе од утрешниот самит во Брдо кај Крањ.
Но, ставот на Вархеји ризикува да и наштети на позицијата на Комисијата меѓу владите на ЕУ и кредибилитетот на Европската унија меѓу лидерите на Западен Балкан – регион од клучно стратешко значење за Унијата каде Русија, Кина, Турција и земјите од Персискиот залив се обидуваат да го зголемат нивното влијание.
„Волдеморт на проширувањето“
Вархеји, кој претходно беше амбасадор на Унгарија во ЕУ, одби да биде интервјуиран за овој текст. Во писмени одговори на прашањата, тој ги бранеше своите постигнувања вклучително и она за владеењето на правото. Тој потенцира дека го надгледувал обновувањето на методологијата на проширувањето која има поголем фокус на владеењето на правото. Но, други претставници на Европската комисија, дипломати од ЕУ и членови на Европскиот парламент не ги купуваат вакви негови одбрани. Вархеји „го поткопува кредибилитетот на Комисијата во очите на партнерите и земјите членки“, рече еден официјален претставник на Комисијата, кој инсистира на анонимност поради страв од последици за неговата кариера.

Унгарскиот еврокомесар за проширување „јасно ја ослабува политиката на ЕУ за Западен Балкан на долг рок“, вели европскиот дипломат. Вториот дипломат го опиша комесарот како „Волдеморт на проширувањето на ЕУ“. „Тој ја следи агендата на своите господари во Будимпешта, им се допаѓа на авторитарните лидери и во голема мера ги игнорира прашањата поврзани со владеењето на правото“, рече дипломатот.
Австрискиот европратеник од редовите на социјалдемократите, Андреас Шидер, вели дека „спроведувањето на владеењето на правото е клучно прашање“ за Западен Балкан, но сепак Комисијата, особено комесарот Вархеји не дава силен поттик за ова прашање. Холандската европратеничката од редовите на Зелените, Тинеке Стрик, исто така, смета дека не е импресионирана од пристапот на Вархеји. „Навистина ми недостига владеењето на правото. Не го гледам да зборува за Србија каде воопшто нема напредок“, вели Стрик.
Македонски прашања
Официјални претставници на Комисијата, дипломати на ЕУ и европратеници, исто така, изразија фрустрација поради пристапот на Вархеји кон друга земја кандидат – Северна Македонија. Земјата презеде големи чекори за да ги почне преговори за членство со ЕУ, дури и го смени името за да стави крај на спорот со Грција. Северна Македонија заедно со Албанија доби зелено светло за почеток на преговорите минатата година, но процесот го блокираше Бугарија поради спор околу јазикот и историјата. Критичарите го обвинуваат Вархеји дека не работи како чесен посредник за решавање на спорот и отклучување на преговорите за членство. Дипломат на ЕУ вели дека Вархеји „дал неповолни предлози до Бугарија што повеќето земји членки веќе ги отфрлиле“. Вториот европски дипломат смета дека ставањето крај на ќор сокакот во кој е Северна Македонија треба да биде „најважното досие“ за Вархеји, но тој не покажал напредок. Вархеји, исто така, предизвика збунетост со идејата дека на Албанија треба да и се дозволи да започне преговори за членство без Северна Македонија.

„Ова беше апсолутно погрешен и фатален сигнал, бидејќи двете земји ги имаа исполнето сите критериуми за почеток на пристапните преговори. Зошто овој нееднаков третман? Овој напредок со две брзини би значел казна за Северна Македонија“,
вели Ромео Франц, германски европратеник од Зелените.
„Факт е дека унгарскиот премиер, Орбан, ја поддржува национално-конзервативната опозиција на Северна Македонија. Ова беше докажано кога унгарската влада му даде азил на поранешниот шеф на македонската влада, Никола Груевски,
вели Франц за „Политико“.
Целата анализа може да ја прочитате на следниот линк.