Како што велат од компанијата, иницијативата е доброволна и им овозможува на трговците да ја пренесат придобивката на крајните потрошувачи
Компанијата ОКТА денеска информира дека најавениот попуст е применет за сите клиенти на големо и мало кои набавуваат горива од кај нив.

„Сите наши клиенти добија попуст и истиот соодветно е пресметан во фактурите“,
се вели во соопштението од компанијата.
Ова следи откако компанијата „Макпетрол“ вчера излезе со соопштение дека и покрај тоа што во јавноста се појавија информации за намалување на набавната цена на дизелот, од ОКТА сè уште не добиле официјално известување врз основа на кое, како што велат, би се промениле договорените услови меѓу двете компании.
Според ОКТА, оваа придобивка е обезбедена преку кредитни одобренија издадени на 13 март 2026 година или директно е пресметана во фактурите за продажба издадени на 16 март 2026 година, со што се овозможува целосна практична примена на попустот.
Како што велат од компанијата, иницијативата е доброволна и им овозможува на трговците да ја пренесат придобивката на крајните потрошувачи.
„Сепак, трговците на големо и мало, имаат целосна слобода самостојно да ги одредат своите продажни цени“,
велат оттаму.
Од компанијата велат дека остануваат посветени на стабилноста на пазарот, транспарентноста и целосното почитување на постојните договорни рамки.
Од „Макпетрол“ вчера информираа дека од страна на добавувачот и понатаму се испраќаат фактури во полна сума, односно без најавениот попуст.
ОКТА во петокот ја соопшти одлуката со која до крајот на март за два денари по литар ги намалува цените на дизелот и бензините за трговците што набавуваат горива од компанијата овозможувајќи им на тој начин на трговците на големо и мало оваа придобивка да ја рефлектираат во крајните цени за потрошувачите.
