Републиканците се очекува да се обидат да ја блокираат иницијативата во Сенатот, бидејќи стравуваат дека поради поддршката што ја уживаат демојратите во ДЦ, трајно ќе се обезбедат двајца претставници во горниот дом на Конгресот
Мнозинството пратеници во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, во кој демократите имаат мнозинство, гласаа, административниот округ Вашингтон да стане 51-та американска држава, и покрај противењето на републиканците.
Републиканците се очекува да се обидат да ја блокираат иницијативата во Сенатот, каде се предвидува тешка битка со неизвесен исход, бидејќи и демократите и републиканците имаат по 50 претставници во Сенатот.
Републиканците се особено против овој предлог, стравувајќи дека ако Вашингтон стане федерална држава, трајно ќе им обезбеди на демократите двајца дополнителни претставници во Сенатот.
Жителите на Вашингтон главно ги поддржуваат демократите, па како федерална држава, тоа ќе им донесе уште двајца демократски сенатори во Горниот дом на Конгресот, со што би се сменила рамнотежата на силите во Сенатот, која во моментов е 50 демократи наспрема 50 републиканци.
Демократите со децении се обидуваа да му дадат федерален статус на Вашингтoн (Дистрикт оф Колумбија) и овој пат се охрабрени од изборот на Џо Бајден за претседател и контролата врз двата дома на Конгресот.
Демократите велат дека тоа би ја решило повеќевековна неправда за повеќе од 700 000 граѓани на САД кои плаќаат федерални даноци, се борат и умираат во војни, служат како поротници, а не можат да гласаат во Сенатот или во Претставничкиот дом.
Новата федерална држава би се викала „Вашингтон Даглас Комонвелт“, според првиот американски претседател Џорџ Вашингтон и Фредерик Даглас, роб, кој станал познат борец против ропството во 19 век.
Последните територии кои добија статус на држава беа Хаваите и Алјаска во 1959 година.