Три отсто од сите деца, кои учествувале во економска активност, најмалку еден час биле изложени на работа во опасни услови, а момчињата биле повеќе изложени на работа под опасни услови отколку девојчињата
Околу три проценти од децата на возраст од пет до 17 години биле вклучени во детски труд, а децата во руралните области биле повеќе изложени на детски труд отколку нивните врсници во урбаните средини, со пет наспроти два отсто.
Слично на тоа, децата од најсиромашниот квинтил биле повеќе вклучени во детски труд од децата од најбогатиот квинтил со шест наспроти помалку од еден процент. Овие податоци ги покажува Мултииндикаторското кластерско истражување (МИКС) спроведено до Државниот завод за статистика во текот на 2018-2019 година како дел од Глобалната програма за состојбата на децата и жените.
Три отсто од сите деца кои учествувале во економска активност најмалку еден час биле изложени на работа во опасни услови, покажува истражувањето. Распределбата по пол, пак, укажува дека момчињата биле повеќе изложени на работа под опасни услови отколку девојчињата.

Од Државниот завод за статистика посочуваат дека извештајот од истражувањето е објавен во мај 2020 година, но поради светската пандемија на ковид-19, како и поради многубројните обврски поврзани со Пописот 2021, извештајот не доби публицитет каков што заслужува.
Глобалната програма МИКС е развиена од страна на УНИЦЕФ во 90-тите години како меѓународна повеќенаменска програма за анкетирање на домаќинствата за поддршка на земјите во прибирањето на меѓународно споредливи податоци за широк спектар на индикатори за состојбата на децата и жените.
Со истражувањето се мерат клучните индикатори кои им овозможуваат на земјите да создаваат податоци за креирање на политики, програми и национални планови за развој и да го следат напредокот кон целите за одржлив развој и други меѓународни договори.