Над 60 отсто од судските рочишта биле одложени. Во предметите што се однесуваат на организиран криминал и корупција, тој процент е 49. Ова го покажа анализата на Коалицијата „Сите за правично судење“ за судењата на кои присуствувале нивни набљудувачи.
„Најчестата причина за одлагање на расправите е отсуство на обвинетите лица во постапките или отсуство на нивните бранители, меѓутоа не би го исклучила и отсуството на јавните обвинители во постапките како странки во постапките“,
рече Натали Петровска од Коалиција „Сите за правично судење“.
Ваквото развлекување ги зголемува трошоците за постапката, јавноста ја губи довербата во судскиот систем, се намалува ефикасноста и ефективноста на постапките, а делото што му се става на товар на обвинетиот може да застари.
„Знаеме дека откако ќе помине подолго време казните веќе не се ефикасни ниту, пак, тоа помага во решавањето одредени кривични дела кои се случиле многу порано. Во таа насока се надоврзува и застарувањето на кривичните дела“,
смета Дарко Аврамовски, правен експерт на Коалиција „Сите за правично судење“.
Судијата во Основниот суд во Велес, Габриела Гајдова, смета дека мора да се земе предвид оправданоста на барањата на обвинетите за одлагање на рочиштето бидејќи тие го имаат тоа право. Истовремено треба да се препознае обидот на обвинетиот да ја развлекува постапката со недоаѓање на рочишта.
„Една од можностите е ако отсуствата се неоправдани или доколку судот стекне заклучок дека се злоупотребуваат правата за да се одолговлекува постапката, бранителот може да биде санкциониран, но исто така и обвинителот може да биде казнет, согласно законот за кривична постапка“,
вели Габриела Гајдова – судија во Основен суд – Велес.
Истражувањето на Коалицијата покажува и дека обвинителите на пропаднатото Специјално јавно обвинителство ретко отсуствувале од рочишта, за разлика од други нивни колеги кои водат предмети од кривична постапка.