Најмалку 480 деца се убиени од почетокот на војната во Украина, додека, пак, повредени се околу 1 000, соопшти украинското државно обвинителство. Според последните податоци, евидентирани се над 87 000 злосторства на агресија и воени злостроства заедно со 17 000 злосторства против националната безбедност. Овие две кривични дела, велат од обвинителството, претставуваат прекршување на Женевската конвенција.
Во меѓувреме, војната не покажува знаци на запирање, доцна синоќа Русија изврши нова серија на гранатирање на неколку украински градови, а по првпат официјална Москва призна дека руски војници се повлекле од одредени места во Бахмут, со што се потврдува дека Украина успешно поврати дел од територијата околу најразурнатиот град кој е епицентарот на војната во последните неколку месеци.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој од денеска е во посета на Италија, изјави дека Русија веќе се подготвува за пораз и дека украинските војници мора да ги притиснат руските сили. За време на неговото вообичаено обраќање до нацијата, Зеленски рече дека Русите кои се борат во Украина мора да го претворат стравот од пораз во нивни „грешки, загуби и бегство“.
„Благодарам на сите што го уништија непријателот. Благодарен сум на сите што ни ја вратија територијата“,
рече Зеленски.