Министерот за здравство, Азир Алиу, соопшти дека неделава во охридската болница е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион

Зголемената телесна тежина станува сериозен здравствен предизвик во државата, со преваленца која достигнува меѓу 30 и 35 проценти од населението, велат од Министерството за здравство.
Овој загрижувачки тренд, кој особено ги погодува децата и адолесцентите, беше во фокусот на стручниот симпозиум во организација на научното здружение за обезност „ОБЕМ“. Настанот ја нагласи потребата од итно подигнување на јавната свест и зајакнување на капацитетите за третман.
Министерот за здравство, Азир Алиу, вели дека е посебно значајно функционирањето на центрите за третман на дебелина на Клиниката за ендокринологија и во ГОБ „8 Септември“, а соопшти и дека неделава во охридската болница е отворен првиот центар за менаџирање на дебелина во југозападниот регион.
„Станува збор за сериозна хронична болест поврзана со над 200 коморбидитети, вклучително кардиоваскуларни заболувања и дијабетес тип 2. Затоа е посебно значаен мултисекторскиот одговор и подигнување на јавната свест за овој глобален предизвик“,
вели министерот Алиу.
Од министерството посочуваат дека продолжуваат со мерките за поддршка преку програмата за обезбедување инсулин и едукација за контрола на дијабетесот. Имајќи предвид дека дебелината е тесно поврзана со дијабетес тип 2, фокусот останува на едукацијата за третман и контрола.
