Денеска била извршена и обдукција на телото на починатиот ракометар, а иако немало видливи повреди, сепак констатирано е дека смртта е насилна и нстапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесени удари
По добиеното известување од Министерството за внатрешни работи за случен кривично правен настан со смртни последици, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Скопје, со цел да се испитаат сите околности во насока на расчистување на настанот издаде низа наредби и тоа: Наредба за обдукција на телото на починатиот, наредба за обезбедување на видео записи од безбедносни камери – Safe City и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата, се вели во соопштението на Јавното Обвинтелство во врска со смртта на 27-годишниот хрватски ракометар на РК „Бутел“, Денис Тот.
Од Обвинителство додаваат и дека ќе се поднесе наредба за спроведување на истражна постапка против три лица, „поради постоење на основано сомнение дека тројцата, меѓу кои имало и 19-годишна девојка, сториле кривично дело убиство“.
Двајца од осомничените се приведени, додека за еден од нив е распишан централен распис, потврдуваат од ОЈО.
„Двајца од осомничени се лишени од слобода и денес ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, додека по првоосомничениот кој е недостапен на органите на прогонот се трага и е распишан централен распис. Со оглед на тежината на стореното кривично дело и запретената казна, како и заради непречено водење на постапката, обвинителството цени дека се исполнети законските услови за определување на најстрогата мерка за обезбедување на присуство, па за сите осомничени ќе предложи да им биде определена мерката притвор“,
се додава во соопштението.
Денеска била извршена и обдукција на телото на починатиот ракометар, а иако немало видливи повреди, сепак констатирано е дека смртта е насилна и нстапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесени удари.
Од ОЈО објаснуваат дека кривичното дело се случило на 7 април, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци. Од ударите сега починатиот паднал и со задниот дел од главата удрил во асфалт и изгубил свест.
„Тројцата осомничени продолжиле со дејствија на удирање по главата, а потоа, без да му укажат помош, заминале од местото на настанот. Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“. Според информациите од лекарите што го примиле сега починатиот, лицето имало престанок на работата на срцето, масивен оток на мозокот, пресечен јазик и висока телесна температура. По приемот бил ставен на апарати за дишење и бил во животно загрозувачка состојба, а наредниот ден и покрај обидите за реанимација починал“,
информираат од ОЈО.
