Според деталите што ги соопшти Обвинителството, обвинителот бил нападнат откако со светлата од автомобилот дал знак осомничените да се поместат од патот. Тој бил прободен со нож од зад грб, а го спречил понатамошниот напад со тоа што извадил пиштол и испукал предупредувачки истрели
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Тетово отвори истрага против трите лица кои се осомничени за вчерашниот обид убиство на јавен обвинител во гостиварско Чергане. Се работи за две полнолетни лица и едно малолетно лице, кое е син на еден од другите осомничени, а за кое постапката ќе се води според Законот за правда на децата.
Обвинителството ги товари дека во раните утрински часови вчера (21 ноември) тројцата осомничени се обиделе со умисла да извршат убиство врз јавниот обвинител. Според деталите што ги објави ОЈО Тетово, јавниот обвинител се движел со својот автомобил во придружба на негов роднина и дал знак со светлата за еден од осомничените да го помести своето возило стоел кое го попречувало патот.
„Откако оштетениот поминал со возилото, осомничените со автомобилот продолжиле да го следат, па кога застанал започнале да го навредуваат и агресивно да се однесуваат затоа што им блиндирал. Оштетениот им се претставил дека е јавен обвинител и дека доколку има потреба ќе повикаат полиција за да го расчисти настанот. Сите тројца осомничени започнале да го удираат, а малолетникот од џебот извадил нож со кој му задал убодна рана во задната десна страна од градниот кош. Гледајќи дека осомничените имаат намера да го довршат делото и да го лишат од живот, оштетениот извадил пиштол кој го поседувал со дозвола и испукал предупредувачки куршум во воздухот со што ги запрел“,
велат од Обвинителството.
Основниот суд во Тетово на двајцата полнолетни осомничени им определи притвор од 30 дена.
Како што наведоа од Обвинителството, случајот го води ОЈО Тетово, а не гостиварското обвинителство, за да се обезбеди непристрасност во истрага со оглед дека нападнатиот обвинител е од Гостивар.