Вознемирувачкото видео од врзаното девојче стана вирално на социјалните мрежи. На него се гледа како девојчето е врзано за вратот и рацете и плачејчи го моли татко и да ја одврзе. Тој, пак, со мобилниот телефон ја снима и ја прашува што направила со парите што ги украла. Девојчето низ плач едвај изговара дека ги земала за да јаде
Девојчето сега е сместено во згрижувачко семејство преку Центарот за социјални работи
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струмица денеска поведе истражна постапка против таткото што со јаже ја врза ќерка си за рацете и вратот и ја снимаше со телефон, за кривично дело – запуштање и малтретирање на дете.

Татко од струмичко Ново Село „под казна“ ја врзал 11-годишната ќерка бидејќи украла пари, а потоа ја снимал со мобилниот телефон. Насилството се случилило во вторникот во дворот на неговата куќа. Девојчето живеело со татка си, кој и бил старател со разводот со нејзината мајка.
Вознемирувачкото видео од врзаното девојче стана вирално на социјалните мрежи. На него се гледа како девојчето е врзано за вратот и рацете и плачејчи го моли татко и да ја одврзе. Тој, пак, со мобилниот телефон ја снима и ја прашува што направила со парите што ги украла. Девојчето низ плач едвај изговара дека ги земала за да јаде.
Од Обвинителството велат дека девојчето е сместено во згрижувачко семејство преку Центарот за социјални работи.
За таткото, пак, ќе бидат предложени мерки на претпазливост, како забрана за напуштање на живеалиште, престојувалиште, одземање на патна исправа повремено јавување кај службено лице и забрана за приближување до девојчето.
По објавување на видеото на социјалните мрежи, сторителот е откриен и повикан во полициската станица во Струмица, каде во службен разговор го признал делото.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) соопштија дека е поднесена кривична пријава против З.Ч. (57) од струмичкото село Ново Село, поради постоење на сомневање за сторено кривично дело – насилство врз дете.
„На 8 јули во дворното место од куќата на пријавениот, тој насилно се однесувал кон неговата 11-годишна ќерка. Насилството го снимил со мобилен телефон“,
се вели во соопштението од СВР Струмица.
Деевојчето е прегледано од лекар од Медицинскиот центар во Струмица, при што се констатирани телесни повреди во вид на црвенило на двете раце, кај зглобовите.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски во изјава за ТВ Сител посочи дека девојчето е згрижено на безбедна локација, каде има психо-социјална грижа.
„Се работи за семејство што е разделено. Мајката на девојчето е повикана на разговор во Центарот за социјални работи и по она што го кажуваат стручните лица, таа не покажува поголема заинтересираност за грижа на самото дете. Поради тоа детето е однесено на безбеедна локација за да биде психо-социјално поддржано“,
кажа тој.