За осомничената се предложени мерки на претпазливост, како забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје денеска поведе постапка против едно лице за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Како што информираат оттаму, станува збор за 40-годишна скопјанка, осомничена дека вчеравечер со возило смртно прегази пешак во Волково.

„Осомничената 40-годишна скопјанка, вечерта на 3 јануари во Волково управувала автомобил марка ‘мерцедес‘, задржувајќи ист правец на движење, но без притоа да обрне доволно внимание на пешаците што се наоѓаат на коловозот или што почнале да чекорат по коловозот“,
се вели во соопштението од Обвинителството.
Според описот на делото, таа со предниот десен дел од возилото удрила во телото на пешакот, кој се движел покрај десниот рабник вдолж коловозот, во истата насока пред автомобилот, иако како пешак бил должен да се движи по тротоарот.
„Од ударот пешакот Горан Ивановски се здобил со повреди, од кои починал на самото место“,
се наведува во соопштението од ОЈО Скопје.
Јавниот обвинител надлежен за случајот издаде повеќе наредби за вештачења со цел утврдување на сите околности за сообраќајната несреќа.
За осомничената се предложени мерки на претпазливост, како забрана за напуштање на живеалиштето и одземање на патната исправа.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) денеска соопштија дека несреќата се случила на 03.01.2026 година околу 20:55 часот на улицата „100“, кога четириесетгодишната М. С. од Скопје, управувајќи патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, удрила во пешакот Г. И. (60), исто така жител на селото Волково.
Од ударот 60-годишниот пешак се здобил со тешки телесни повреди, од кои починал на самото место.
