За првоосомничениот, јавен обвинител до судија на претходна постапка од Кривичниот суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. За другите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поведе истрага против три лица осомничени за кривично дело – изнуда.

Првоосомничениот, во периодот од 16 до 18 септември, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со сезиозна закана се обидел да присили еден оштетен да му исплати 60 илјади денари.
Во описот за предметот се вели дека осомничениот му се претставил на оштетениот како припадник на криминална група и побарал да му даде 1 000 евра за да го заштити од други луѓе што претходно му барале пари. Истовремено, му се заканил да не го пријавува во полиција оти ќе го убие и ќе му ја запали куќата.
„Првиот ден оштетениот му дал 30 илјади денари, бидејќи толку можел да извади од банкомат. Потоа, сепак, случајот го пријавил во полиција. Два дена подоцна, кога се договориле за преземање на остатокот од парите, банкнотите биле крим-технички обработени. По предавањето на парите, осомничениот е уапсен на лице место и кај него се пронајдени парите“,
пишува во соопштението од Обвинителството.
Истрагата опфаќа уште две лица, за кои постојат докази дека претходно, во текот на август и септември годинава, во повеќе наврати изнудувале пари од истото лице.
„Тие го уверувале дека парите посредно се наменети за други лица, со цел да не му наштетат него и на неговото семејство. Постои сомнение дека го присилиле да им исплати вкупно 27 илјади евра“,
се вели во описот за предметот.
Јавен обвинител до судија на претходна постапка од Кривичниот суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за првоосомничениот. За другите двајца осомничени се предложени мерки на претпазливост, како задолжително јавување во суд и забрана за приближување до оштетениот и неговото семејство.