Тие се осомничени дека сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад бидејќи постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на основната дејност на ЈП „Комунална хигиена“ за редовно собирање и транспортирање на комуналниот смет на територија на Град Скопје
Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага и предложи притвор за в.д. директорот на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Сабахудин Рустеми, и за управителот на секторот за управување со отпад во скопското комунално претпријатие, Аки Саити.

Тие се осомничени дека сториле кривично дело загрозување на животната средина и природата со отпад бидејќи постапиле спротивно на Законот за управување со отпад и на основната дејност на претпријатието за редовно собирање и транспортирање на комуналниот смет на територија на Град Скопје.
„Со пропуштање на целосниот надзор над собирањето и транспортирањето на комунален отпад, како и со непрописно управување со отпадот тие овозможиле во текот на месецов да се создадат мали депонии на јавни и сообраќајни површини, во близина на предвидените садови за собирање комунален отпад, со што предизвикале значително оштетување на квалитетот на почвата, воздухот и водата и го довеле во опасност животот и здравјето на луѓето од предизвикување заразни или други болести“,
наведуваат од ОЈО Скопје.
Оттаму посочуваат дека ваквите сомненија се констатирани при вонредните инспекциски надзори извршени по наредба на Јавното обвинителство, како и со добиеното експертско мислење од Институтот за јавно здравје.
Претходно денеска, од Обвинителството информираа дека Рустеми и Саити сè уште се наоѓаат во полициската станица во Гази Баба, во рамките на 24-часовниот рок предвиден за полициско задржување. Тие вчера беа приведени во врска со проблемот со отпадот во главниот град.
