Осомничени се пет лица. Четворица се товарат дека како соизвршители сториле две кривични дела – грабнување и две убиства на свиреп начин. Петтиот се товари за помагање при делото грабнување
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, соопштија доцна вечерва од обвинителството. Во превод, тоа значи дека предметот напредува еден чекор и дека обвинителството е уверено дека има докази против осомничените, за случајот да премине од предистрага во истрага.
Кој за што се сомничи
Осомничени се пет лица, соопштија од обвинителството. Не им се напишани иницијалите. Објаснето е само колкумина за какви дела се товарат.
„Четворица како соизвршители сториле две кривични дела – Грабнување од член 141 од Кривичниот законик, како и две убиства на свиреп начин (едно на малолетно лице и едно од користољубие) заедно казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик. Петтиот осомничен им помогнал при извршување на кривичното дело – Грабнување на малолетно лице“,
се вели во соопштението на обвинителството.
Од тоа што, сепак, истрагата веќе јавно го соопшти, може да се препознае дека „петтиот осомничен“ веројатно е таткото на убиената Вања Ѓорческа, Александар. Следствено, останатите четворица се првоосомничениот Љупчо Палевски – Палчо и неговите соработници и сопартијци – Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски. Според соопштението на обвинителството, тие сите се товарат за истите кривични дела.
Што направиле осомничените
Како ги сториле делата од кои смртно настрадаа 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски, Обвинителството и МВР веќе споделија на заедничка прес-конференција.
Во моментот на отворање на истрагата, соопштението на ОЈО Скопје само потврдува – која е главната теза која ќе се обиде да ја докаже. На кратко, дека Панче Жежовски бил киднапиран, а потоа и убиен, за да му го земат автомобилот марка Цитроен, возилото со кое пет дена подоцна ќе биде грабната следната жртва, Вања Ѓорчевска.
„На 22 ноември, четворица од осомничените, по претходен договор и заедно, извршиле грабнување на лице од неговиот дом во Велес со намера да го присилат да го даде неговиот автомобил Цитроен за тие да го искористат за грабнување на малолетно лице во Скопје. Откако влегле во неговиот дом, физички го нападнале, го врзале и со автомобил го однеле во близина на селото Рудник, каде со учество на дејствие на извршување и со друг особен придонес кон извршување на делото, од користољубие и на свиреп начин го лишиле од живот со истрел од огнено оружје од еден од осомничените.
На 27 ноември четворицата осомничени, помогнати од петтиот, извршиле грабнување на малолетно лице со намера да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде пари за откуп на детето. Притоа го искористиле и одземениот автомобил. Подоцна на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот жртвата, а со претходно купен бензин го запалиле автомобилот Цитроен.
Шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, веќе изјави дека тројца од осомничените веќе го признале делото. Таткото на убиената Вања Ѓорчевска, според тоа што го има јавно соопштено истрагата, засега не признава дека го сторил делото за кое е осомничен. Првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо беше во бегство, па дури по екстрадицијата ќе има можност да се изјасни по делата за кои се сомничи.