Предметот, како што потврдија за „360 степени“ од Обвинителството, е отворен по допрен глас, а доаѓа по јавно објавените информации во јавноста дека надлежните инспекторати не постапуваат согласно своите надлежности за отстранување на реквизитите
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје оформило предмет за функционирањето на лунапаркот „Зимзоленд“ во општина Аеродром, за да испита дали евентуално постојат елементи на кривичното дело предизвикување општа опасност.

Предметот, како што потврдија за „360 степени“ од Обвинителството, е отворен по допрен глас, а доаѓа по јавно објавените информации во јавноста дека надлежните инспекторати не постапуваат согласно своите надлежности за отстранување на реквизитите.
Од Јавното обвинителство велат дека веднаш ќе издаде наредба до Министерството за внатрешни работи (МВР), конкретно до Единицата за економски криминал, да направи увид на местото и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот.
„Бидејќи јавно објавените информации укажуваат дека надлежните инспекциски органи не постапуваат согласно законските надлежности за отстранување на реквизитите, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас и веднаш ќе издаде наредба до МВР – Единица за економски криминал да излезе на терен, да направи увид на самото место и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот, а со цел да се испитаат евентуални елементи на кривично дело предизвикување општа опасност“,
велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Телевизијата Телма веќе објави дека повеќе инспекциски служби утврдиле пропусти во работењето на новогодишниот лунапарк, но и покрај ваквите наоди тој и понатаму продолжува да работи. Во врска со случајот, на барање на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) бил направен и вонреден инспекциски совет во кој биле вклучени сите институции.
Сепак, иако законските прописи налагаат дека ако инспекторите утврдат дека постои каква било опасност, местото треба веднаш да се запечати, досега ниту една инспекциска служба не го стори тоа.
Од Град Скопје и од Општина Аеродром, на чија територија е новогодишниот лунапарк, ја потврдија својата надлежност наведувајќи дека постапуваат во рамките на своите законски надлежности.
Сепак, од Градот Скопје велат иако неговите инспекциски служби утврдиле дека „Зимзоленд“ нема дозвола, за отстранување на лунапаркот е надлежна Општината Аеродром.

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека трипати имале испратено инспекција на терен и оти и укажале на Општина Аеродром дека треба да постапи нивната градежна инспекција.
„Не може на кој било ќе му текне и каде што ќе му текне во главниот град да поставува реквизити или каква било каква опрема, ако притоа за тоа нема одобрение од Градот“,
рече Ѓорѓиевски.
Од Општина Аеродром, пак, како што пренесе Телма, велат дека известувањето од Град Скопје не е обврзувачко за нив. Според Општината, тие го следеле законот според кој треба да поминат осум дена, откако фирмата го примила записникот од инспекцискиот совет. Инспекторите, како што се наведува, на терен биле на 10 декември, па најран датум на кој Општината би можела да постапува е на 18 декември.
Од „Зимзоленд“ минатата недела потврдија дека во забавниот парк се вршат инспекциски надзори, но ги демантираа наводите во дел од медиумите дека паркот ќе биде затворен.
